Tеатарска промоција на книгата „Го силувавме ежот“

Издавачката куќа „Антолог“ за среда 20 јуни (среда) на малата сцена на Универзалната сала со почеток во 20 часот ја најавува промоцијата на книгата „Го силувавме ежот“ од македонскиoт писател и хуморист Марјан Анѓеловски.Промотор на книгата ќе биде рецензентот Игор Ивковиќ.

На промоцијата ќе биде изведен и дел од драмската претстава работена според книгата, во која, покрај самиот автор, настапуваат уште и: Јасмин РаманиПетра ИвановскаСара НиколовскаИвана СтамевскаОгнен ВелевскиРисте МицевскиАлександар ЈовановскиЕлена Ѓорѓевска.

„‘Го силувавме ежот’ е драмски наратив во кој преку дејствувањето на главните ликови и развојот на нивната љубовна приказна Анѓеловски го апострофира ‘лудилото’ на власта, сатирична драма за апсурдното владеење на еден современ режим во рамките на демократско општество, раскажана преку љубовна приказна меѓу млад новинар и проститутка“, стои во најавата за настанот.

По овој драмски текст е работена истоимената претстава од училиштето за театар „Од игра до претстава“ во 2017/18 година.

Инаку, Марјан Анѓеловски пишува и настапува низ земјава и низ Балканот со хумор, сатира и стендап-комедија. Неговите афоризми досега се објавувани во: „Остен“, „Јеж“, „Носорог“, „Макс Минус“, „Вечерни новости“, „Политика“, „Пулс 24“ и други весници, списанија и електронски портали низ Балканот. Автор е на книгата „Македонијо, OFF  мори мајко“ и коавтор на книгата „Три ем“ заедно со Миле Ѓорѓијоски и Миро Георгиевски. Застапен е и во неколку антологии на балканскиот и на македонскиот афоризам. Добитник е на награди за сатира.