Театарот за деца и младинци доби целосно нов ентериер. Има нови седишта во гледалиштето, нова електрична инсталација, ново фоаје и тоалети. Покрај обновената внатрешност, оваа национална установа е и доекипирана – вработени се осум нови актери, по двајца режисери и драматурзи и административен кадар.
Театарот денеска го посети министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која е задоволна што во краток рок е извршена реконструкција со која театарот доби нов изглед и е ставен во функција, и вечер во нов амбиент ќе ја изведе претставата „Могли“. Остануваат уште неколку помали зафати со кои проектот ќе биде целосно завршен.
Министерката најави дека салата ќе добие и техничка опрема (аудио и светлосна) во рамки на проектот на Министерството за култура за опремување на сите тетари со современа технологија, која се очекува да пристигне идниот месец.
Директорот на ТДМ Драган Довлев рече дека поради двојно зголемениот број на актери – од осум на 16, двете простории-гримјорни се мали и дека ќе се направат уште две со пренаменување на помошни простории.
Тој е задоволен од посетеноста на театарот која, како што рече, е над 90 проценти од капацитетот (120 седишта). Во декември имале 31 претстава со над 3.500 посетители.
Театарот оваа година ќе има три премиери одобрени во годишната програма на Министерството за култура: младинска претстава „Денес не напишав ниту еден збор“ во режија на Владимир Милчин, детска играна претстава „Животинска фарма“ од Џорџ Орвел (прилагодена за деца) во режија на Александра Кардалевска и куклен проект за деца „Петар Пан“ кој ќе го режира соработникот на ТДМ од Бугарија, Боњо Лунгов.
Театарот годинава ќе има балканска турнеја, а со претставите „Македонска приказна“ и „Оливер Твист“ ќе гостува и во Монс, Белгија, кој е престолнина на европската култура во 2015.