Театар во Гостивар и измена на Законот за ученички стандард, одлучи Владата

Основање на Национална установа „Гостиварски театар“ и дополнување на Законот за ученичкиот стандард се дел од одлуките кои Владата на Република Македонија ги усвои на вчерашната 98 седница.

На седницата, како што соопштија од Владата, бил усвоен најновиот текст на Предлог-законот за дополнување на Законот за ученичкиот стандард, и донесе одлука, согласно член 137 од Деловникот на Собранието, да го достави до Собранието на Република Македонија.

„Со предложените измени во Законот за ученичкиот стандард се дава можност Министерството за образование и наука да додели средства на јавните ученички домови, односно на јавните средни училишта во чиј состав има ученички дом, за трошоци за тековно работење во однос на режии за греење, електрична енергија, потрошена вода и слично, за потребите на ученичкиот дом, доколку настанат непредвидливи ситуации кои ги зголемиле трошоците, а не можеле да се предвидат и планираат во нивните буџети“, се наведува во владиното соопштение.

Како што соопштија од Владата, одлуката за потреба од основање на нова Национална установа „Гостиварски театар“ ја донеле имајќи го во предвид мислењето на  Министерството за финансии, како и оправданоста за основање на нова национална установа.