Театар комедија попристапен за лицата со попреченост

Театар комедија во соработка со здружението „Полио плус“ за новата театарска сезона обезбеди поголема пристапност за лицата во ортопедски колички и со потешкотии во движењето.

За претставата „Дони Дарк“, која ја раскажува приказната за млад човек со оштетен вид и неговото осамостојување од семејството, првпат ќе има и титл на текстот за глувонемите лица, а со жолти ленти ќе бидат обележани холовите за лицата со оштетен вид непречено да дојдат до малата сцена – нов сценски простор за седумдесет гледачи, каде што ќе биде изведена претставата.

Шалтерите на билетарницата како и шкафови од гардеробите се приспособени за лица со хендикеп. На големата сцена, пак, ќе бидат извадени неколку седишта за да се направи простор за инвалидски колички.

По добиените стручни совети и по реземените активности од страна на Театар комедија, тимот на „Полио плус“ го обележа објектот како достапен за лицата со попреченост.

Официјалниот постер за претставата „Дони Дарк“

Вчеравечер, симболично, беше изведена претпремиера на романтичната комедија „Дони Дарк“, додека премиерата е закажана за вечер.

Оригиналниот текст е на американскиот писател Леонард Герш, а режијата на Роберт Ристов, кому ова му е магистерски труд. Насловниот лик во претставата го толкува Даријан Петров, а во другите улоги настапуваат: Мирјана Поповска-Ристов, Магдалена Ризова-Черних и Сашо Ристовски, кој е нов член на Театар комедија и негов уметнички директор.