Театар Комедија: Не ја носете политиката на сцена

Откако вчера повеќе активисти од движењето #Протестирам ја посетија претставата „Лисистрата“, која е дел од репертоарот на Театар Комедија, облечени во барокни костими, со реакција излезе и театарот.

Тие реагираат дека организирана група влегла во театарот и го нарушила јавниот ред и мир со нивното недолично однесување, бидејќи снимале и фотографирале со нивните мобилни телефони, а при напуштање на салонот лепеле налепници и ги оставале своите маски на сцената, додека претставата се одвивала на сцена.

„Со овој чин таа организирана група не само што го прекрши Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, туку стори и едно поголемо злосторство, ја осквернави сцената како место на кое се разменуваат идеи, ставови, мислења, како легитимен начин на создавање еден театарски чин, а најстрашно од сè е што во таа организирана група има театарски работници кои би требало да ја знаат светоста на сцената и претставата и нејзиното значење во театарскиот живот. Со тоа што го нарушија нормалниот тек на претставата станаа цензори и не дозволија самата претстава да се случи онака како што авторите ја создале.

„Протестот” не смее да биде упад во национална институција и личен протест против некого, бидејќи самата претстава е светост која што никој не смее да ја наруши. Нечиј личен став или омраза спрема некој, не смее да го загрози колективниот чин кој го твориме. Сите ние од ансамблот ја почитуваме секоја политичка определба и сечиј став, и функционираме по максимата дека театарот не е место на кое се бијат политички битки и не е место на кое публиката искажува револт спрема некој или нешто. Поголемиот дел од нас не сме политички определени и не сакаме да не мешаат во политички игри. Ако сте против политиката во театарот не носете ја на сцена. Секој напад врз Театар Комедија е напад лично врз нас, актерите. Театарот е храм на уметноста во кој ние живееме“, се вели во соопштението на овој театар.

Инаку ова е втора реакција на Театар Комедија за перформансот на Протестирам, откако вчера на нивната официјална Фејсбук страна поставија слика од публиката, нарекувајќи ја „чудна“ и „дно“.

„Некоја чудна публика….ДНО:-((((((((( Лисистрата ПРОДОЛЖУВА!!!!“, гласеше постот на театарот чиј директор е актерката Јелена Жугиќ, која лани стана пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, но одлучи дека нема да го прифати пратеничкиот мандат.

По бурните реакции на социјалните мрежи за ваквиот коментар, денеска Фејсбук страницата на театарот е избришана.