Театар и музика за децата „што ќе се симнат пред зграда“ во Капиштец

Два часа исполнети со театар и музика ги очекуваат сите деца и родители што денеска попладне во 18:00 часот ќе учествуваат на детската работилница во паркот во Капиштец. Овој пат дружењето со децата комбинира отворен музичко-драмски час, на кој тие активно ќе учествуваат, ќе се забавуваат и ќе научат нови нешта.

Попладневното дружење во паркот Капиштец ќе започне со драмската работилница на која актерот Гораст Цветковски ќе ги води децата – доброволци низ три кратки драмски игри, „Две жапчиња“, „Двајцата истражувачи“ и „Марија и мајка ѝ“, а потоа тој ќе одигра монолог. На музичката работилница пијанистката Дуња Иванова за децата ќе изведе на клавинова неколку композиции од цртаните филмови, а тие ќе имаат можност да се запознаат со овој инструмент. Под водство на Ана Пандевска најмладите ќе научат што е клавинова, каде се применува, каква е во споредба со акустичното пијано и сл. Ќе одиграат и неколку музички игри на кои ќе треба да решат музички гатанки или да го погодат инструментот, а ќе имаат и кратка бон-тон едукација за односот кон инстументите, за односот на публиката кон музичарите итн.

Во склоп на циклусот детски настани организирани од Општина Центар, досега се одржаа ликовна, музичка и драмска работилница.