[Театар Фабрика] „Вејка на ветрот“ и микросветовите на македонските печалбари

Претставата „Вејка на ветрот“, проектот првенче на независниот театар Фабрика, зборува многу за амбициозниот пристап на уметниците кои се дел од него. Иако велат дека нивен императив не треба да биде кршење на досегашните парадигми според кои функционира театарската сцена во Македонија, не може да не се забележи бранот свежина и иновативност кој оваа претстава го носи во себе.

[Театар Фабрика] „Вејка на ветрот“ и микросветовите на македонските печалбари

Одиграна на малата сцена во Драмскиот театар, за само 120 гледачи, „Вејка на ветрот“ претставува интимно читање на првата македонска современа драма од Коле Чашуле. Минималната сценографија, составена од неколку куфери кои во себе го содржат целиот живот на главните ликови, совршено го отсликува печалбарскиот сон за „подобро утре во туѓина“. Костимите на Ана Кркулевска допринесоа за целосниот впечаток за емоционалната состојба на секој од ликовите, притоа не изоставувајќи ја функционалноста како важна одлика.

Режисерката Ирена Стеријовска направила целосен погодок при избирањето на актерската екипа. Искуството и маестралноста на Рубенс Муратовски како Велко и длабокото соживување на Кристина Ласовска со судбината на Магда, ја тераат публиката да ја скрши навидум среќната маска на вљубен пар кој го живее сонот и да погледне подлабоко. Тогаш се отвора лавиринт на неостварени желби, уништени соништа, исцрпени тела, посакувани емоции и болка толку жестока што дури и самиот поглед кон огледалото ги пронижува мислите со страдање. Тука се и Атанас Атанасовски, како Џими, и  Драгана Левенска, како Мејбел, чија актерска игра ја оформува големата слика за животот на македонските печалбари преку океанот. Не онаа накитена и разубавена приказна која се раскажува пред роднини и пријатели, онаа вистинската која се плашиме дури и себеси да си ја признаеме.

Кога ветерот ќе ја скине и последната нишка која ги одржува ликовите во живот, проблемите  на просечниот печалбар излегуваат од рамките на овие простори. Стануваат универзални прашања кои бараат коренита промена за да исчезне горчината која ја создаваат.

Јована Ѓорѓиовска