„Театар 007“ со „Игра“ гостува во Белград и Софија

Независната продукција „Театар 007“, на покана од приватниот „ДАХ ТЕАТАР“ од Белград,  викендов гостува во Белград со претставата „Игра“ работена според расказите на Д. Хармс, а во режија на Игор Ивковиќ.

Претставата ќе биде изведена денеска (15 ноември) на сцената на „Дах театар“ во Белград, а два дена подоцна (17 ноември) „Театар 007“, со истата претстава ќе гостува и на сцената на „НБУ Театар“ во Софија.

„Ова гостување е дел од плодната соработка на „Театар 007“ со колегите од регионот и Европа кои како основен принцип на работа е назависното професионално творештво и заложбата за алтернативни и експериментални театарски форми. Со ова гостување „Театар 007“, ќе ја промовира својата плодна неколку годишна работа, а веруваме дека истото ова гостување ќе биде од особен интерес и за отворање нови поглавја во копродукциските проекти“, вели Миодраг Костиќ, продуцент на „Театар 007“.

Претставата „ИГРА“ премиерно беше изведена во 2009 година. „Театар 007“, со оваа претстава имаа учествувано на бројни престижни театарски фестивали, а во 2013 година, на фестивалот „Театрален куфер“ во Минск, Белорусија, ја освои наградата за „Најдобра претстава со невербална комуникација“. Во претставата играат: Филип Кипровски, Фаик Мефаилоски, Ангела Наумоска, Јана Пауноска, Илина Матеска, Дарко Богески, Стефан Петровски, Анастасија Ашкилова.