Теарце одлучува за новото Собрание, 303 гласа предност на ВМРО-ДПМНЕ пред прегласувањето

По вчерашната одлука на Управниот суд да се поништи гласањето во избирачкото место 2011 во Општина Теарце, денеска Државната изборна комисија треба да направи симулација дали прегласувањето ќе влијае на распределбата на мандатите во изборната единица 6 и да го закаже прегласувањето за недела.

На гласачкото место во Теарце, запишани се 714 гласачи. Разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Избирачката единица 6 е 303 гласа.

Вчера Управниот суд уважи две жалби. Една на СДСМ за поништување на гласањето во Теарце и една на ВМРО-ДПМНЕ со што ја преиначи одлуката на ДИК за прегласување во избирачкото место 0396/1 во Гостивар, отфрлајќи го првичниот приговор како неуреден.

И двете најголеми политички партии изразија незадоволство од одлуките на Управниот суд. ВМРО-ДПМНЕ уважувањето на жалбата на СДСМ ја нарече „правен преседан, кој говори за политичка мотивираност во одлучувањето, наместо водење според правни факти и докази“, додека од СДСМ укажаа дека „институциите треба да работат во служба на граѓаните, без калкулации во одлучувањето“.