Татко од Полска слави откако успеал името на синот да го промени во Јода

Полскиот новинар Војчеш Сташевски прослави на социјалните мрежи откако ја доби битката со лингвистите и го промени средното име на неговиот 4-годишен син во Јода, според легендарниот џедај од филмовите „Војна на ѕвездите“.

Според локалните медиуми, канцеларијата за матични книги во Варшава се консултирале со Советот за полски јазик по барањето на Сташевски за промена на името.

Советот првично заклучил дека детето не треба да го добие името поради зелената кожа и краткиот раст на измислениот лик, напишал Сташевски на Фејсбук. Но, лингвистите морале да отстапат од својот став откако новинарот ги потсетил дека таквата одлука, заснована на бојата на кожата на одреден лик, е дискриминаторска.

Иако Советот за полски јазик нема никакви овластувања да одбива предложени имиња, полските власти можат да ги консултираат. Според интернет страницата на Советот, препораките се да се даваат имиња кои потекнуваат од полскиот јазик и тие треба да го покажуваат полот на детето. Имињата не треба да бидат инспирирани од чести именки, ниту пак да отсликуваат географски информации.

На својот блог, Сташевски напишал за неговата љубов кон „Војна на ѕвездите“ и како ја споделува со своите деца. Откако идејата и ја предложил на неговата бремена сопруга, таа се согласила и започнал процесот.

„Учителот Јода е со мене. Целиот мој живот“, напишал тој.

Еуроњуз пишува дека реакциите на полските социјални мрежи околу случајот на Сташевски се помешани. Еден корисник на Твитер напишал дека таткото на овој начин ја занемарува иднината на својот син, така што тој „не гледал човек во своето дете, туку само играчка“. Други пак се прашувале: „Зошто татко ми не го променил моето средно име“.