Татко изградил тематски парк за својата ќерка со посебни потреби, бидејќи не може да оди во ниту еден

Татко од Тексас сфатил дека нема тематски паркови во кои неговата ќерка со посебни потреби може да си игра. Затоа, одлучи да изгради еден од темел.

Гордон Хартман штотуку излегол од базен на семеен одмор, кога неговата 12-годишна ќерка Морган се приближила кон некои деца кои си играле во водата. Се обидела да се спријатели со нив, но за кратко тие го напуштиле базенот.

Хартман мисли дека се срамеле од неа бидејќи не знаат како да се однесуваат кон некој со попреченост. Морган ја има способноста да размислува и сфаќа како петгодишно дете, како и форма на аутизам.

Инцидентот постојано се повторувал во неговиот ум.

„Морган е прекрасна млада дама. Кога некој ќе ја запознае, секогаш добива голема насмевка и таа секогаш нуди прегратка. Но, многу често не можеме да ја носиме на одредени места“, вели таткото.

Хартман и неговата сопруга Меги прашале други родители каде да ја однесат нивната ќерка – на место каде би се чувствувала удобно, а другите би биле удобни да комуницираат со неа.

„Сфативме дека такво место не постои“, вели Хартман.

Затоа, во 2007 почнал самиот да го гради. Како поранешен градежен изведувач, ја продал својата компанија во 2005 година и ја основал Гордон Хартман семејната фондација, непрофитна организација која им помага на лицата со посебни потреби. Потоа, почнал да го создава „првиот ултра-пристапен тематски парк во светот“.

„Сакавме тематски парк каде секој може да направи сè, каде луѓето со и без посебни потреби можат заедно да си играат“.

Најмил доктори, терапевти, родители и луѓе со посебни потреби за да се консултира за објектите. Паркот е изграден на земјиште од 25 ари во Сан Антонио, Тексас.

Паркот, наречен Morgan’s Wonderland, чини 34 милиони долари, а е отворен во 2010 година. Атракциите вклучуваат вртелешка на која можат да се качат и инвалидски колички, минијатурен воз и „игралиште за авантури“. Посетителите често му кажуваат на Хартман дека ова е прв пат да имаат вакво искуство.

Сепак, Морган на почетокот имала страв од атракциите.

„Кога го отворивме паркот, таа беше премногу исплашена да се вози на вртелешката. Не разбираше зошто се врти, а животните одат горе-долу“, вели Хартман.

Дури после три години, Морган одлучила да се вози.

Откако е отворена, во Morgan’s Wonderland имало милиони посетители од 67 држави, како и од сите американски држави. Третина од вработените се со посебни потреби, а влезот е бесплатен за било кој гостин кој има некаква форма на попреченост.

„Сфатив дека Морган е една од посреќните деца, бидејќи има многу од нештата кои и се потребни. Не сакав парите да бидат пречка за другите деца со посебни потреби“, вели Хартман.

„Отвораме секоја година знаејќи дека ќе изгубиме повеќе од милион долари, а потоа ги враќаме парите преку хуманитарни организации и донации од партнери“.