Татјана Алексиќ – професорка која отскокнува од училишниот шаблон

Единствена работа полоша од тоа да зборуваме за сексот е да не зборуваме. Ретки се оние кои се осудуваат да отворат уста на оваа тема. Објаснувањето најчесто се бара во нашиот менталитет – сите се криеме под пердето на срамот и глумиме демек не е проѕирно. Меѓу оние кои отскокнуваат од овој шаблон е професорката или, како што таа сака да ја нарекуваат, учителката Татјана Алексиќ, пишува средношколскиот весник „Медиум“.

Предава македонски јазик и литература во скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“. Но, не само нејзините туку и сите останати ученици во земјава имаа можност да ја запознаат преку ТВ емисијата „Сексуална азбука“. Иако е со едукативен карактер, а не програма за возрасни, учителката со нејзината емисија во етерот се појавуваше во доцните вечерни термини.

-Смешно е ‘Сексуална азбука’ да се емитува близу полноќ, додека преку ден се труеме со реални шоуа. Тоа не е емисија за возрасни – возрасните знаат, децата треба да учат, вели Алексиќ.

Таа го правеше тоа што, како што велат средношколците, треба да го прави образовниот систем. Професорката е омилен лик меѓу нејзините ученици затоа што јавно им ја пренесува пораката дека како што не можеш да пишуваш без да ја знаеш азбуката, така не можеш да водиш љубов ако си „неписмен“. Отсекогаш зборувала отворено, а никогаш не била сфатена погрешно.

-Редовна публика во емисијата беа средношколци, а гости доктори, сексолози и други стручни лица. Со еден збор луѓе кои би можеле стручно да им го објаснат на младите она што дотогаш било табу, извор на прост хумор или главен виц на часовите по биологија, вели Алексиќ.

Според неа, една од најтврдокорните предрасуди е за сексот и сексуалноста. Од нејзините јавни настапи и излагања, средношколците учат и како ги надминат предрасудите.

-Дека сексот е „свет“ во име на создавањето потомство, а „грешен“ во име на задоволствата, се` уште е во потсвеста на жените. Но, една од големите вистини за сексуалното здравје е фактот дека често водење љубов го подобрува квалитетот на животот. Секако, водење љубов на сигурно – со познат партнер и заштита од сексуално преносливи болести и несакана бременост, смета Алексиќ.

Средношколците велат дека благодарение на учителката од „Корчагин“ повеќе нема да се едуцираат за сексот и сексологијата само „на улица“ и дека таа е најзаслужна што сега можат отворено да зборуваат за „приказната за штркот“.

Дејана Попоска IV-8, СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“