Тарковски, Дишан и Морен на програмата на онлајн изданието на Филозофски филмски фестивал

Со руско-италијанско-шведската копродукција „Андреј Тарковски: Филмска молитва“ на Андреј А. Тарковски, син на познатиот режисер, на 21 мај од 20 часот ќе биде отворен 10-иот Филозофски филмски фестивал (ФФФ) како хибридно издание.

Филозофското друштво на Македонија (ФДМ) вели дека фестивалот, кој е под мотото „Идеи, светови“, годинава го организира онлајн во кризниот период и со ограничени институционални ресурси од 21 до 31 мај под насловот „ФФФ Пролетни миграции“. Културната јавност на VoD платформата Cinesquare ќе може да погледне триесеттина филмски остварувања и неколку фестивалски настани.

На програмата во првиот ден, вовед кон филмот за Андреј Тарковски и овој исклучителниот режисер и икона на филмската кинематографија на 20 век ќе даде филмологот и темелен истражувач и познавач на неговиот опус, Атанас Чупоски.

„Рускиот гениј отсекогаш пленел со својот спокоен филмски ракопис и навраќањата кон него, дури и по повеќе од три децении од неговата смрт, се незаменливи филмски доживувања“, велат од ФФФ.

Андреј Тарковски

На 23 мај, сабота, од 20 часот публиката заеднички ќе може да го погледне „Еден драматичен филм“ (2019) на францускиот режисер Ерик Бодлер.

„За трансформативната моќ на филмот и неговата уникатна можност за саморефлексија преку будното гледање (и забележување) на светот, низ диоптријата на учениците од филмската група во средното училиште Дора Мар, инструктивен влез ќе даде професорот по филозофија и независен истражувач, Бошко Караџов“, соопштуваат од ФФФ.

Сабота, 30 мај од 20 часот е резервиран термин за „Марсел Дишан: Уметноста на возможното“ (2020) на режисерот од САД, Метју Тејлор. Филмот ја разоткрива парадигматската промена на уметноста во XX век од таткото на концептуализмот, Марсел Дишан.

„Кон него полесен пристап ќе овозможи познавачот на делото на овој контраверзен уметник, но и на филмската уметност воопшто, професорот по филозофија и селектор на Официјалната селекција на долгометражни филмови на ФФФ, Кирил Трајчев“, велат од ФФФ.

Овој документарец вклучува интервјуа со некои од најистакнатите експерти за делото на Дишан, но и повеќе уметници, меѓу кои Марина Абрамовиќ, Џозеф Косут, Ед Раша, Мишел Гондри, Дејвид Боуви, коишто го мапираат Дишан како пресвртна точка во современото разбирање на уметноста – после него уметноста повеќе никогаш нема да биде иста.

Во рамките на Фестивалот на 27 мај од 11:30 часот ќе биде одржан и вебинар на тема: „Точки на гледање: Ковид-19 и состојбите во филмскиот сектор во С. Македонија“ (среда, 27 мај, 11:30 ч.).

Според ФФФ, оваа Zoom-конференција претставува прв обид да се отвори јавен дијалог за последиците од пандемијата врз различните структури на филмската дејност во нашата земја и да се разговара за начините за излез од кризната ситуација.

„Откажување, одложување или онлајн фестивали? Како домашните и европските филмски институции одговорија на ковид кризата? Ограничувањата како потенцијал за креативноста? ‘Новата нормала“ и реосмислувањето на филмската индустрија? Како сакаме да го замислиме филмскиот сектор во иднина? – се дел од прашањата на кои ќе биде дискутирано со гости од сите сегменти на филмскиот сектор во земјата: фондови, кино сали, филмски фестивали, режисери, продуценти и дистрибутери“, најавуваат од ФФФ.

Во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири за Најдобар краткометражен филм ќе бидат дваесет (20) филмови од повеќе земји од светот.

Оваа година, најдобриот филм ќе биде по одлука на тричлено жири Стефан Палитов (режисер, мултимедијален уметник и истражувач), Станислав Лигужињски (филмски критичар, куратор и едукатор од Полска, Холандија) и Стефан Видиков (филозоф).

„За првпат, најдобриот филм ќе добие и солидарна финансиска награда како симболичен гест на поддршка на дејноста на режисерите во време кога целокупниот филмски сектор е безмалку сторниран. Исто така, жирито ќе го додели и специјалното (нововостановено) признание ‘Стефан Сидовски – Сидо’, во чест на нашиот професор, филозоф, филмски уметник и соработник на Фестивалот од неговите почетоци“, велат од Фестивалот.

Стефан Сидовски

Краткометражната селекција ќе биде поделена во две вечери – 22 мај од 19 часот и 24 мај од 20 часот. За првата вечер, на почетокот ревијално ќе биде прикажано едноиполминутниот експериментален краток филм на македонски режисер Милчо Манчевски, за да на крајот од вечерта (21:30 часот) биде организирана онлајн Zoom-средба со самиот режисер.

На втората вечер посветена на краткометражните филмови, публиката ќе има можност ревијално да проследи уште два филма. Најпрво македонскиот „Образ“ (2011) на „мајсторот на аматерскиот филм“, Стефан Сидовски, кому му е и посветено 10. издание на Фестивалот, а потоа и луксембуршко-австриската копродукција „Битие и ништост“ на режисерката Бади Минк.

На Фестивалот ќе се прикажат и два среднометражни филма – „Едгар Морен, мислител во Париз“ од јапонската режисерка Момоко Сето и необичната и бунтовна црна комедија, „Контрапункт“на режисерот и сценарист Иван Короман.

Исто така, од 21 мај електронски ќе биде достапен „Филозофија и филм“ на националното филозофско списание „Филозофска трибина“, а за затворањето на фестивалот на 31 мај од 20 часот ќе се одржи онлајн концерт во живо на македонската пијанистка со богата и репрезентативна интернационална кариера, Ема Попивода. Таа ќе го изведе својот оригинален музички перформанс „Acoustic electronics“, во кој најпознатите електронски хитови се обработени и се изведуваат на пијано.