Таравари: Министерството ќе ги поддржи програмите за ХИВ, нема да се случи колапс и епидемија

Министерот за здравство, Арбен Таравари денеска посочи дека нема да се случи колапс на системот за превенција и нема да има епидемија од ХИВ, најавувајќи дека ресорното министерство ќе ги поддржи програмите против ХИВ, туберколоза и маларија.

„Станува збор за 6 милиони денари кои се надеваме дека ќе бидат доволни до крај на годината. За идната година ќе планираме како и за сите други за да се најде решение за 2018 година“, рече Таравари.

Финансирање од Глобалниот фонд за програмите завршува во јуни 2017 година и нивниот  континуитет е неизвесен поради необезбедената финансиска поддршка. Тоа значи дека над 10.000 луѓе кои употребуваат дроги како и членови на нивните семејства, би останале без соодветна здравствена и социјална заштита.

Инаку, Таравари денеска беше присутен на промоција на кампањата „Со клучни одлуки до здрава заедница“ во организација на Здружението на граѓани ХОПС и Платформата за одржливост на програмите за превенција и поддршка на ХИВ.

Влатко Деков, програмски менаџер на ХОПС, потенцираше дек благодарение на овие програми, во последниве десет години во Македонија се евидентирани само два нови случаи на ХИВ како резултат на инјектирање дроги, а помалку од 5% од вкупно 315 регистрирани случаи со ХИВ биле луѓе кои инјектираат дроги.

„Овие бројки се далеку помали за разлика од состојбите во другите, соседни  земји. Македонија е со најниска стапка на ХИВ во регионот на Југоисточна Европа. Доколку не се одржат програмите за намалување на штетите од употребата на дроги, постои ризик од појава на епидемија кај оваа популација, како резултат на интеракција со епидемиите во соседните земји и зголемување на ризичното  однесување“, рече Деков.