Тања Вујисиќ-Тодоровска: Порака за Меѓународниот ден на танцот

Танцовиот одбор на Македонскиот центар на Интернационалниот театарски институт ИТИ, ја избраа балерината Тања Вујисиќ-Тодоровска, за балетен уметник на годината и авторка на пораката по повод Меѓународниот ден на танцот-29 април, 2016.

Тања Вујисиќ-Тодоровска во текот на дваесет и петгодишната активна уметничка балетска кариера, на сцената на Македонскиот балет како примабарелина одигра повеќе од четириесет водечки улоги во повеќе од триста претстави. По заокружувањето на својата активна сценска кариера се посвети на педагошка дејност и работи како раководител на Катедрата за балетска педагогија и како професор по предметите Методика на класичен балет и репертоар на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.

Пораката ја споделуваме во прродолжение:

„Ако не сте застанале на сцена соочувајќи се со погледите на секој посетител, верувајте ми дека не ќе можете да го опишете истовремено чувството на психолошки грч, во чиј драматуршки фон е и чувството на огромна моќ, во секој мускул на телото…

Затоа сум сигурна дека секое соочување со големата моќ на штиците на кои секоја танцова фигура претставува замрзнат миг, како скротено движење на естетиката е комуникациски дијалог меѓу минатото и иднината, притоа остварувајќи ја посакуваната сегашност.

Користејќи го најсовршениот инструмент создаден од природата – човековото тело, секој танцувач се обидува, дарувајќи ја својата душа на публиката да ги опише моќта на танцот, мигот на раѓање на нова положба, ново движење, опишувајќи  го она што неможе да се опише.

Ако во животот го баравте убавото… тогаш вашата потрага завршува тука.

Енергијата која ја поседувате канализирајте ја кон остварување на бараната цел, танцувајте, уверена сум дека секој од вас ќе биде побогат за уште еден освоен хоризонт низ кој може да се реализира себеси  како човек.

Чест ми е оваа порака да ја пратам до сите оние што живеат за и од танцот, кој доследно докажува дека ги дарува само силните со духот и да им се заблагодарам за сите подарени бои и трепетни движења на душата во миговите кога животот е еднобоен“.