Танцовата академија ВАДА ќе ги спои младите во С.Македонија со најголемите танчарски имиња од САД

Преку онлајн работилници и подготовка на танцов перформанс, младите во Северна Македонија имаат можност да учат и соработуваат со некои од најголемите танчарски имиња од САД.

Станува збор за нов проект наречен ВАДА – Виртуелна американска танцова академија, чиј координатор е Ивана Балабанова од Битрикс Културно-уметнички центар и Американската амбасада.

Со овој проект, неговите креатори се надеваат на трасирање на патот кон професионализација на уличните танци и култура, обезбедувајќи структуриран, долгорочен процес за едукација на младите и обезбедувајќи можност за издигнување на македонската танцова сцена на значително повисоко ниво.

„Иако уличните танци се практикувани од над 7000 млади во земјата, тие се’ уште не го добиле своето место во академските редови. Создавањето на овој пионерски проект, ќе ја позиционира С.Македонија на мапата на светот како точка на зародиш на нови стандарди во практикувањето на овие танцови стилови, нешто што ќе донесе значаен придонес во танцот кај нас, а со амбиции овој проект да се развие и да стане достапен и на интернационално ниво“, се вели во соопштението.

Онлајн танцовите работилници ќе се одржуваат во времетраење од пет месеци во периодот февруари – јули, додека за подготовката на танцов перформанс е предвидено во август предавачите од САД да дојдат во С.Македонија и да работат во живо со стипендистите.

Првиот курс на академијата во кој се изучува танцовиот стил POPPING (попинг) овој викенд го започна реномираната танчарка и кореографка Marie Poppins, која е дел од триото Femme Fatale.

Во наредните курсеви, пак, е предвидено да се изучуваат и стиловите: animation, robotics, housе, dancehall, современ танц, брејкденс и мешавина од многу различни улични танци.

Во програмата ќе учествуваат 35 селектирани танчари и кореографи од Скопје, добитници на комплетна стипендија, а можност за надоградба на своите знаења ќе им се даде и на 25 танчари од: Куманово, Штип, Пробиштип, Охрид, Радовиш, Тетово, Струмица и Гевгелија.

Танчарите од Скопје, ќе ја следат програмата заеднички од просториите на Младински Културен Центар, согласно ковид протоколите, додека пак перформансите кои ќе се подготват во август, публиката ќе може да ги проследи во просториите на КСП Центар Јадро и Младински Културен Центар.

„Овој проект ќе допринесе да се прошират видиците на нашите танчари и кореографи, да се зајакне нивната техника и базата на знаења за повеќе танцови стилови која се’ уште недостасува кај нас, но уште повеќе од тоа, да се едуцира пошироката јавност за урбаната и современата танцова уметност и да се освежи програмата која е достапна за сите“, се наведува во соопштението.

Партнери во овој проек се јавуваат КСП „ЦЕНТАР ЈАДРО“ (Јасмина Билаловиќ) и Младински културен центар” (Ванчо Богоев), како и Бирото за образовни и културни работи на САД, American Voices и American Dance Abroad oд САД.