Членовите на танцовата група Beatrix Crew започнаа кампања за собирање на парични средства, кои им се потребни за да учествуваат на ESDU Светското првенство во модерни танци кое од 22-28 мај се одржува во Пореч, Хрватска.
Beatrix Crew деновиве ја започнa кампањата, која ќе трае триесет дена. Во тој период, се надеваат тие, ќе соберат 10.000 долари кои им се потребни за да бидат дел од Светското првенство. Моменталната состојба на на платформата за донирање Generosity е само 188 долари.
„Иако побаравме помош од секоја компанија во нашата земја, Министерството за култура и сите национални органи, не добивме никаков позитивен одговор. Делумно, поради критичната политичка состојба во Македонија, но и поради недостатокот на инвестиции во културата и танцот“, пишуваат во кампањата од Битрикс Културниот Центар.
„Доаѓајќи од мала земја, многу ни е тешко да се бориме и покрај сите пречки. Секоја година, како што се отвораат вратите на светот, и како што ние растеме поголеми и посилни, станува сè потешко да правиме и да бидеме повеќе. Затоа сте ни потребни вие. Вие сте единствена можност да го имаме ова единствено искуство. Вие сте единствена шанса да ги оствариме нашите соништа!“, апелираат од Културниот центар.
Инаку, пред две години тимот на Beatrix Crew беше вицешампион на истиот натпревар, а оваа година со помошта на оние кои сакаат да донираат, се надеваат дека ќе го остварат својот сон – ќе отпатуваат за Пореч и таму ќе го освојат првото место.
Сите детали како да се донира и да се биде дел од Generosity проектот на Beatrix Crew може да се најдат на следниов линк.