„Танц фест 2016“ ќе се движи во ритамот на музиката на починатиот Дејвид Боуви

Танц Фест и Скопје танцовиот театар го најавуваат свеченото отворање на Фестивалот за современ танц ,,Танц фест 2016”, кое ќе се одржи на 6 април на сцената на Македонскиот народен театар. Овогодинешното издание на фестивалот ќе оддаде почит на неодамна починатиот Дејвид Боуви. На сцената ќе се појават над 100 деца кои ќе го отворат фестивалот со песната “Let’s dance!”, што воедно и претставува мотото за оваа година – „Aјде да танцуваме, бидете различни“ (Let’s dance, be different!).

Оваа година, Скопје танцовиот театар, под уметничко раководство на Рисима Рисимкин, одбележува 5 години од своето постоење и во таа чест свечено ќе го отвори ,,Танц фест 2016”, со современата танцова претстава ,,Стапнувајќи на земјата”. Специјално за овој настан во Скопје танц театар гостува холандската кореографка Џоан Ван Дер Маст, која ќе се претстави со една необична претстава и силна порака. Музиката за нејзиното дело е специјално создадена од италијанската композиторка Сара Замбони. На сцената на Македонскиот народен театар со своја кореографија ќе се претстават и македонските млади кореографи Андријана Андреева и Матеа Киселичка.

На свеченото отворање на фестивалот ќе се додели наградата ,,Менада” за врвни достигнувања во областа на танцот, која ќе ја добие хрватскиот космополит во танцот Милко Шпаремблек.