Таму некаде

Посакувам некој ден да не сум овде. Посакувам да сум било каде освен овде. Во оваа држава, во овој град, во ова место. Не е првпат, а не е ни последен. Само овој пат е различно. Ова е првпат да не чувствувам дека можеби ќе зажалам ако одам и не се свртам назад. Претходно ме фаќаше страв, претходно ме фаќаше носталгија, ме фаќаше навика. Ги сакав сите стари места, места на среќни моменти.

Таму некаде

Ја сакав љубезноста на нашите луѓе. Го сакав тој прекрасен босански начин на живот. И ме држеше овде. Ме држеше самата помисла дека би можела да си отидам, дека би можела да го свртам грбот на се. Но, веројатно некако дојде и овој момент на рамнодушност кон се. Дојде момент кога сето тоа стана небитно бидејќи постојат многу работи кои не уништуваат секојдневно. И колку и да се трудиме да ги поправиме со малите работи кои ни преостанаа, не успеваме.

Не велам дека на сите не им успева. Но мене, како и на поголемиот дел од мојата генерација сигурно не им успева. Секој ден се повеќе и повеќе оваа иста држава која некогаш ја сакав, ме тера сето тоа да го изгубам од себе. Еве додека пишувам, додека станува се појасно и пореално, гледам како полека исчезнуваат сите тие окови на лажната сигурност во неа. Се кршат како да се од стакло. А некогаш беа цврсти, и тоа како. И еве признавам дека од ден на ден се губат.

Ме привлекува она таму преку границата. Не е тоа само од љубопитност, до примораност е. До таа точка дојде. А имам избор, знам дека имам. Можеби сум една од оние малкумина кои имаат. Знам дека може да останам и живеам сосема просечно, тоест да преживувам. Можеби некогаш ќе си дозволам два дена патување надвор и така ќе бидам „задоволна“ со тоа. Но не сакам. Зошто да ја давам својата љубов и својата преданост на земја која ги урна сите мои надежи, која ги прекрши пред луѓето сите ветувања кои ми ги даде, која позади грб ми се смееше додека говорев дека верувам во неа?

Чекав, но не оди на подобро. Само на полошо. Се плашам да кажам дека полошо не може да биде, зашто овде тоа е нереално да се каже. И знам дека многу патриоти ќе плукаат по моите зборови, но тие никогаш нема да можат ни да знаат тронка од она што некогаш го сакав во оваа земја, она што и понатаму го сакам, а што гледам секој ден дека го уништуваат.

Ги уништуваат вредностите на добриот човек, ја уништуваат вредноста на слободата, ја уништуваат секоја онаа најмала ситница која ме извлекуваше. И ми ја убија секоја љубов и надеж за подобро утре. И затоа пожелувам некој ден да не сум овде. Пожелувам да сум некогаш некаде каде барем знам дека ги нема моите ситници кои ги сакам, таму каде никаде не сум ги видела, никогаш не биле мои. А овде беа и ги нема веќе.

Тоа е предавство. А предавство од оној кој го сакаме и на кого му веруваме е полошо од секое предавство од оној од кој не очекуваме ништо.

Ирена

Извор: Бука блог