Тамара Котевска работи на својот прв долгометражен игран филм „Man vs. Flock“

Филмот има работен наслов „Man vs. Flock“, а како копродуцент се јавува Љубомир Стефанов. Котевска работела на филмот во склоп на програмата „First films first“ на Гете Институтот.

Филмот е поддржан од страна на македонската филмска агенција со грант од 325.738 евра.

„Man vs. Flock“ го прикажува генерацискиот конфликт, јазот помеѓу застарените вредности и брзината на модерниот живот. Приказната е фокусирана на еден стар, тврдоглав селанец кој се гордее со своите корени и татковина наспроти неговата модерна, независна ќерка која сака да ја избегне традиционалната улога која и е предодредена. Во дејството се вмешува и еден влогер кој сака да открие нешто повеќе за своите корени, но преку низа на недоразбирања, создава хаос.

Давајќи свој осврт за филмот во склоп на програмата на „First films first“, Тамара Котевска вели дека се интересира за создавање на конфликтна приказна помеѓу светот на традицијата и модерниот свет на слободна волја, прогресот во општеството и отворениот ум.

„За да се прикаже кулминацијата на конфликтот, намерно избрав релацијата на главните ликови да биде татко и ќерка – симбол на старото и симбол на новото, кои взаемно функционираат“, објаснува Котеска.

Таа објаснува дека оваа приказна е исклучително важна за неа бидејќи лично е инволвирана во животите на овие луѓе, дополнувајќи дека со пронаоѓањето и повторното креирање на оваа приказна, се “наоѓа во чевлите“ на влогерот и ги живее неговите предизвици.

Според Котеска, станува збор за фикционална приказна која е комбинирана со реални елементи, а преку овој пристап сака да прикаже како документаристичкиот пристап би функционирал во фикционална приказна.

Снимањето на „Men vs. Flock“ е планирано да започне во 2021 година.

Американскиот медиум „Вараети“ објави за идните проекти на режисерското дуо за време на германскиот филмски фестивал „Берлинале“. Според „Вараети“, Котевска е продуцент и ко-автор на филмска антологија која опфаќа пет кратки, документарни филмови за успешни македонски атлетичарки, а на процесот работат и пет различни режисери.

Љубомир Стефанов пак, моментално работи на анимирано дело за климатските промени чиј работен наслов е „Swiss Laundry“. Во фокусот на филмот се околу 20 милиони бегалци  кои биле приморани да се отселат поради природни катастрофи поврзани со климатските промени. Тие засега функционираат без формален, легален статус.