Талин навечер затвора прометен пат за да можат да преминат жаби

Прометен пат во главниот град на Естонија, Талин, месецов е затворен во текот на ноќта со цел илјадници жаби да мигрираат кон своите размножувалишта, безбедно од автомобилите, пишува Ројтерс.

Волонтери обично се вклучуваат помагајќи во процесот. Тие велат дека спасиле 97.000 единки во претходните години, вклучително и 2.000 минатата година.

Но, со пандемијата на коронавирусот, ваквата помош е невозможна оваа година, така што затворањето на патиштата е единствен спас за водоземците.

„Жабите беа тука пред патот“, вели Кристел Саарм, естонски волонтер во Националниот фонд.

„Езерцата каде што се размножуваат сега се од едната страна на патот, а нивното зимно живеалиште е од другата. Затоа, тие се принудени да преминат“.

Бидејќи топлата површина на патот ги прави водоземците поспани и бавни, до 300 од нив можат да заглават истовремено, правејќи ги ранливи на автомобилите.

Талин размислува да изгради тунел под патот за да поминуваат жабите или да направи езерце на страната каде што презимуваат, рече заменик-шефот на областа Хаберсти, Олег Силјанов.