Таксист во Сараево сам спасува напуштени кучиња и ги вдомува низ Европа

„Љубовта кон животните се раѓа заедно со човекот. Уште како мал, бев најсреќен кога мојот сендвич ќе го поделев со напуштено куче. Ќе го погалев по глава за да му покажам дека не е само на светот и дека и него некој го сака. Иако тоа не наиде на одобрување од сите мои соседи, никогаш не дозволив нечија омраза да ја уништи мојата љубов кон најдобриот пријател на човекот. Со тек на годините, почнав да помагам се повеќе и посилно. Напуштените, уплашените, болните и често сериозно повредените кучиња, не можат да се остават на милост и немилост на улиците. Кога ќе наидам на такво несреќно суштество, го носам дома, го хранам, го бањам, го носам на преглед кај ветеринар и го лечам, а кога ќе закрепнат, им наоѓам дом во кој ќе бидат среќни. Но, ми беше се потешко да направам рамнотежа меѓу работата и да им помагам. Преовладуваше, секако, љубовта кон животните, така што своето такси го изнајмив“, раскажува за хрватскиот портал Индекс Фахрудин Браво, таксист кој граѓаните во Сараево го обожаваат и за чие благородно срце се слушнало и низ Европа.

Иако во мисијата за помагање на напуштените животни имало и многу тешки и потресни моменти, бидејќи за голем број болни и повредени кучиња помошта дошла предоцна, Фахрудин ги памети само среќните денови. Токму тој позитивен став го поттикнува да продолжи и понатаму.

Посвоените кучиња од Сараево обединија семејства во Англија

„Една година најдов шест мали кучиња, стари најмногу месец дена, кои некој ги одвоил од нивната мајка и ги фрлил. Ни за момент не размислив што и како ќе направам со нив, ги зедов и ги однесов дома. Во првите месец дена морав да ја заменам нивната мајка, ги хранев на неколку часа, преку ден и навечер и за среќа, сите шест преживеаја. Кога доволно закрепнаа, со помош од пријатели кои живеат во странство, за сите шест бебиња најдов дом во Англија. Но, на таа приказна и нема крај. Иако живеат во различен крај од Англија, семејствата кои ги вдомија шесте кучиња од Сараево, се запознаа и се спријателија, така што и денес редовно се посетуваат, а направија и заедничка Фејсбук страница на која објавуваат фотографии од своите кучиња и го следат нивниот живот“, се потсетува овој спасител на напуштени кучиња.

Покрај тоа што му се бескрајно благодарни и верни, уличните кучиња се и неверојатно интелигентни, тврдат Сараевци. Во тоа се уверил и самиот Фахрудин, неколкупати, но благодарение на едно спасено куче, за тоа, како што вели, постојат и „докази на хартија“.

„Пред неколку години покрај патот здогледав мало куче, искубано, црно, изгладнето и полно со болви. Секако, веднаш го однесов дома, го лечев со недели, а кога закрепна, на кучето му најдов прекрасен дом во Германија. По шест месеци ми стигна порака што никогаш нема да ја заборавам и која е непроценливо вредна награда за мојот труд. Имено, семејството што го вдоми во Германија со гордост ме известија дека мојот мал, уличен пес израснал во вистински принц, така што завршил обука за кучиња спасувачи и тоа со најголема оценка. Во тој момент, никој не беше посреќен и погорд од мене. Ете, и тоа е еден од милионите докази дека треба да им помагаме на тие прекрасни суштества кои за секоја добрина враќаат многу“, вели сараевскиот таксист.

Иако е познат меѓу љубителите на животни низ Европа, неговиот роден град не му пружи никаква помош во згрижување на уличните кучиња.

„Немам здружение, за кучињата се грижам сам, единствена помош што ја добивам е онаа од искрени љубители на животни кои во мојата работа препознаа вистинска и безгранична љубов кон кучињата. Во моментов, се грижам за педесетина напуштени кучиња што ги тргнав од улиците. Кај мене имаат храна, ако треба и лечење, но она што е најважно, имаат љубов што многу од нив никогаш ја немаат почувствувано. За кучињата за коишто се грижам барам домови по цела Европа, но најсреќен сум кога ќе се вдомат во Словенија и Хрватска бидејќи тоа е релативно близу до моето Сараево, па често можат да ги посетувам“, објаснува Фахрудин.

Вели дека најтешко му е за време на јаките сараевски зими кога кучињата без дом, изложени на ниските температури, често трагично завршуваат. Неодамна, во таква зима, полузамрзната и затрупена во снегот, спасил мала женка што ја крстил Снежана.

„Пријателка ми јави и ми кажа дека во еден сараевски кварт веќе два дена неподвижно лежи изгладнато мало куче. Таа ноќ беше навистина ладно, паѓаше густ снег. Дури следното утро го најдовме кучето, кое веќе беше заглавено, па помисливме дека сме стигнале предоцна. За среќа, иако вкочането и речиси смрзнато, кучето беше живо. Веднаш го однесовме на ветеринар, бидејќи не можеше да стои на нозе. Температурата од нормална 38,8 му падна на 32,9, за што ветеринарот ни кажа дека минути го делело од смрт во снегот. Сега Снежана, како што ја нарековме, полека закрепнува, но премногу е исплашена, а бидејќи не сака да излегува надвор и обожава да гледа телевизија, заклучивме дека е сигурно нечие милениче, и од топлиот дом е избркана на студен“, вели Фахрудин.

Малата Снежана, како и останатите педесетина кучиња згрижени од таксистот од Сараево, се уште бараат свој постојан дом.