„Таксират“ тргнува да го „прочисти Скопје“

Годинава, по 21-ви пат во „градот убав“ тргнува фестивалот „Таксират“, a како дел од него ќе се одржи и новото издание на ПИН музичката конференција.

Ова е единствена меѓународна музичка шоукејс конференција кај нас, која ќе се одржи по шести пат од 28 до 30 ноември, во Младински културен центар (МКЦ) во Скопје.

ПИН и годинава ќе биде домаќин на стотина значајни делегати, говорници и имиња од европската музичка индустрија. Годинава своето присуство го потврдија Ник Хобс, сопственик на агенцијата „Charmenko“ кој соработувал со артисти „Radiohead“, The „National“, Том Веитс.  „Сиот капацитет и стекнатото меѓународно искуство на ‘Таксират’ и ‘Пасворд продакшн’ се се насочени кон креирање на имиџот и издигнување на препознатливоста на ПИН музичката конференција, како главен едукатор и конектор на македонската музичка сцена со светските стандарди, соооштува „Пасворд“.

Доаѓа и Џеоф Мел од „Paradigm Agency“, кој ги застапува артистите Ед Ширен, „Coldplay“… Степан Казарјан, промотор и сопственик на музичката компанија „Connected Agency“ и куратор на првиот шоукејс фестивал во Русија „Moscow Music Week“, Иван Новак, основачот и лидер на групата „Laibach“, и Џорџ Лајтнер од букинг агенцијата „Georg Leitner Productions“, кој четири децении носи светски музички имиња во Европа, како Џејмс Браун, Реј Чарлс, „The Temptation“, „Kool & The Gang“.

Исто така, според најавите, ќе дојдат и претставници на сите значајни европски фестивали, како „Exit“, „Pohoda“, „Ment“…

„За време на тридневната програма ќе се дискутира за актуелните теми од музичкиот бизнис и промените кои се случија во последните десет години, потоа за авторските права, како да се дојде до титулата ‘Европски град на културата’, но и за букингот, менаџментот, за политика и култура, експорт офис, дигитален маркетинг и можности за промоција – како еден мал но значаен дел од планираните панели кои ќе бидат поставени на веб-страната на ПИН“, велат од Пасворд.

Програмата со ПИН панелите се одржува во кино „Фросина“. Таа е бесплатна, но од „Пасворд“ апелираат за регистрација поради ограничениот капацитет.  Во трите вечери на ПИН ќе се претстават и редица музички изведувачи од 10 држави, кои единствено тука заинтересираните ќе имаат есклузивна можност да ги видат во живо. На списокот на изведувачи се наоѓаат: Borghesia, Кукла и Ljubljanjah vibes од Словенија, Comminor, Оscar soul experience и The magnettes од Шведска, Ette enaka и Bára Zmeková од Чешка, Gute Gute од Израел, Мachine de beauvoir од Германија, Mарко Lуис, šajzerbiterlemon, Maika, Ljubičice и Roll the drums од Србија, Yuko и Radioslam од Полска, Lionshine, од Словенија, Maz од Луксембург, Oscar mic од Uкраина, Elektro hafiz од Турција, Surealistas од Италија, Theodore од Грција, како и Funk Shui, Сашко Костов, Game Over и Gotzeh од Mакедонија.

Понатаму, „Пасворд“ потсетува дека „Таксират“ веќе започна со  распродадениот концерт на Ману Чао и неговиот музички проект „El Chapulín Solo“, кој се одржа на 24-ти октомври во МКЦ. Сѐ до 7 декември, велат тие, следат уште серија одлични „славенички“ настани.

За 1 декември е најавен првиот самостоен и долго очекуван концерт на македонскиот автор LD Pistolero во МКЦ. По шест години од првиот соло албум „После мостот“, во мај годинава тој го издаде својот нов студиски албум, „Далеку“, кој беше распродаден истиот ден.

„Мугер Фугер“ и Горан Трајковски – Готра на 5 декември ќе настапат во Денсинг салата на МКЦ, на кој ќе ја резимираат нивната десетгодишна соработка со концертна и LP (винил) промоција на музичкиот проект „Во ова време“. Влезот за овој концерт е слободен.

На 6 декември во МКЦ ќе се одржи и традиционалниот избор на најдобри демо изведувачи – „Лузер Фест“. Од пристигнатите педесетина пријави, „Пасворд“ селектира осум млади артисти кои ќе настанат во живо со свои авторски песни.

Главната вечер на „Таксират“ е резервирана за 7 декември во СЦ „Борис Трајковски“, каде на 3 бини и во тек на десет часови ќе настапат 15 изведувачи: британските бејс продуценти „Chase & Status“, потоа шведското инди-поп трио и авторите на глобалниот хит „Young Folks“, „Peter Bjorn and John“, најголемиот хрватски панк-рок бенд и милениците на публиката кај нас „Хладно пиво“ и легендарниот хип-хоп колектив од Србија, „Београдски синдикат“.

Вториот стејџ е резервиран за претставниците на хрватскиот трап, Kuku$ Klan, Buntai и 30zona, заедно со младиот трап артист Кlinac и локалната MVRSVR екипа: Donplaya, Bon Praskiza, Sexy Marsa и Prince$$ Donatsu, а наскоро најавуваат информации и за останатата програма.

Билетите за главната фестивалска вечер се веќе пуштени во продажба. Првата тура карти, по ограничен број, е по 500 денари.