„Таксират ден на волонтери“ и јубилејна прослава на PMG Collective на 4 декември

Во рамките на придружната програма на фестивалот Таксират, на 4 декември во МКЦ ќе се одржи целодневниот настан  „Таксират ден на волонтери“ кој вечерта ќе продолжи со концертот „20 години те сакам“ кој ќе ја одбележи 20 годишнината од постоењето на PMG Collective и 10 години од првиот концерт на бендот PMG Kolektiv.

„Таксират ден на волонтери“ се работи заедно со Civica Mobilitas и ќе се одвива со дневна програма од 10:00 до 20:30 часот, организирана во чест на Светскиот ден на волонтерите (5. декември) како можност за здружување на граѓанските организации кои активно се ангажираат во постигнување позитивни општествени промени во Македонија.

Во рамки на дневната програма ќе бидат доделени Националните волонтерски награди за 2015, промовирани акциите поддржани со малите и ад хок грантовите на Civica Mobilitas, ќе биде активен инфо-дескот „On the Go“ кој ќе им биде на располагање на граѓанските организации за сите информации, помош и поддршка. Исто така е најавен и Саем на општествени промени (Social Change Market) на кој ќе бидат презентирани организациите и акциите поддржани од Цивика мобилитас, Food for Thought-штандот за здрава храна на „Анима мунди“ и саемот на граѓански организации кои го поддржуваат волонтеризмот и активно работат со волонтери. Посетителите ќе имаат можност да ја проследат и дебатата „Hands on Matters“ во која како говорници се очекува да учествуваат новинари, активисти, волонтери и претставници од Националниот совет за развој на волонтерството, ЗКУ Таксират, Црвениот крст, Волонтерски центар-Скопје, како и интерактивни работилници за промоција на граѓанскиот ангажман и волонтерството.

На настанот ќе има отворен подиум на Националниот младински совет на Македонија, како и програма за деца која ќе се реализира заедно со „Меѓаши“.

Вечерта пак, на ПМГ Колектив ќе му се придружат со настап во живо и групите Тhe John и Sethstat, а со диџеј сетови ќе се претстават Robotek и Дарко Јорданов. PMG Collective е артистичка организација која постои и активно делува во рамките на македонската популарна култура од август 1995 година. Настаната на искршените скопски улици и развивана во јавност, тоа е веројатно највлијателната алтернативна формација, одговорна за широк спектар акции, од еуфории до музички револуции. PMG Kolektiv пак во оваа форма, започнуваат со работа во 2003та година и набргу стануваат еден од бендовите предводници на новата македонска музичка сцена. Произлезени од ПМГ Колективот, кој речиси две децении активно делува на нашата културна сцена, тие прават длабок музички засек во светското музичко искуство и го пресликуваат во македонската музичка реалност, давајќи му современ, динамичен и оригинален призвук. Бендот досега има издадено шест студиски албуми, а е одговорен и за голем број хитови.

Влезот за дневната програма на „Таксират ден на волонтери“ е бесплатен, додека влезниците за вечерниот концерт ќе чинат 100 денари.