Таксим се уште гори, десетмина повредени во најновите протести

Најмалку 10 лица се повредени, а десетици се уапсени синоќа при растерувањето на антивладините демонстранти во близина на истанбулскиот плоштад Таксим. Турската полиција употреби солзавец и водени топови против помали групи демонстранти во центарот на Истанбул. Некои западни медиуми јавија дека полицијата употребила и гумени куршуми, од кои биле повредени најмалку тројца новинари.

Демонстрантите се обиделе да поминат од околните улици до плоштадот Таксим, но околу него бил поставен кордон, бидејќи турските власти претходно забранија масовни собири.Околу 300 демонстранти се собраа синоќа со цел да го поддржат протестното движење „Гези“ и извикуваа антивладини пароли.

Бранот протести во Турција започна во јуни против плановите на власта да ги исече дрвјата во паркот Гези во централниот дел на Истанбул. Протестите прераснаа во општи немири и протести против власта, во кои досега пет лица загинаа, а илјадници се повредени.

извор: Утрински весник/ presstv.ir