Тајван оди чекор напред кон истополови бракови

Су Шен и нејзината партнерка заедно одгледуваат 5-месечни близнаци,  но само една од нив е нивниот легален родител. Ова наскоро може да се смени доколку Тајван стане првата земја во Азија која ги легализира истополовите бракови.

„Сега, доколку нешто се случи на детето, едниот партнер претставува странец“, вели Су, која е 35-годишен софтверски инжинер во Тајпеј. Но, во случај на легално признаен брак и двата партнера ќе можат да носат медицински и образовни одлуки, нагласува таа.

Ваквите изјави од Су се пренесени од повеќе медиуми заедно со вестите дека истополовиот брак го помина првото читање во законодавниот дом во Тајван. Вчера двата амандмани го пројдоа првиот филтер во тајванскиот парламент, со што на испополовите парови би им се овозможило правото да стапуваат во брак.

Сепак, нацртот допрва треба да биде дискутиран и во законодавно-правната комисија во парламентот, а потоа да помине второто и третото читање пред да стапи во сила.

Амандманите се позитивно прифатени и од претседателката Тсаи Инг-Вен, која постојано дава поддршка кон ЛГБТ правата.

Неодамнешни анкети покажаа дека над 70 отсто од тајванците се согласуваат со истополови бракови. Дел од тамошните експерти тврдеа дека ваквото национално расположение е поттикнато од смртта на францускиот професор Жак Пико. 67-годишниот професор падна од 10 кат, и се верува дека извршил самоубиство откако неговиот партнер почина од рак, а Пико не бил во можност да донесе одлуки за треманот на болеста бидејќи не биле во брак. Исто така, Пико не беше во можност легално да го преземе зеедничкиот имот од нивната 35-годишна врска.

Инаку, преку викендот повеќе од 80.000 луѓе парадираа на улиците на Тајпеј, учествувајќи во 14-иот марш на гордоста.