Тајниот албум на Wu-Tang Clan ќе смее да се продава дури по 88 години

Единствената копијa на тајниот албум на легендарниот рап бенд Wu-Tang ClanOnce Upon A Time In Shaolin“ би можелa да се појави во продажба дури по 88 години, поради авторските права, соопштија членови на групата.

Деновиве меѓу фановите се појави информација дека албумот, од кој постои една единствена копија која се чува во сеф во Мароко, би можел да се најде на интернет-аукција, а потоа и да стане достапен. Сепак, според новата веб-страница, отворена специјално за аукцијата, на личноста која ќе ја купи копијата на албумот ќе и биде забрането да го копира во следните 88 години, поради законите за авторски права. По истекот на овој период, правата ќе се префрлат врз сопственикот на единствениот албум, кој може да одлучи дали сака да го стави на продажба.

„Кога купувате уметничка слика или скулптура, го купувате самото дело, а не правото да го копирате и репродуцирате. Тоа што поседувате дело на Пикасо не значи дека смеете да продавате копии или репродукции, туку дека сте единствениот сопственик на уникатен оригинал. Токму тоа е „Once Upon a Time in Shaolin“ – уникатна копија, а не мастер верзија на албумот“, објаснува RZA од Wu-Tang Clan.

Претходно, групата објави дека веќе добила понуда од 5 милиони долари за двојниот албум, во кој има 128 минути музика, продуцирана главно од соработникот на Wu-Tang Clan, Tarik “Cilvaringz’ Azzougarh.