Тајната библиотека на Сирија

Кога земјата е под напади со години, а на улиците владее глад, нормално е луѓето да имаат малку интерес во читање на книги. Но, ентузијасти од Дамаск создале подземна библиотека во Сирија, со томови книги спасени од бомбардираните згради.

Долу по стрмни скалила, најдалеку што може да се побегне од шрапнелите кои летаат наоколу, од куршумите и снајперите на површината, има огромна, слабо осветлена соба. Скриена под зграда разурната од бомбардирање, таа е дом на тајна библиотека која нуди учење, надеж и инспирација за многумина во разурнатото предградие на Дамаск, Дараја.

„Сметавме дека е значајно да создадеме нова библиотека, за да продолжиме со нашето образование. Ја сместивме во подрум за да спречиме да биде уништена од куршуми и бомби, како многу други згради овде“, вели Анас Ахмад, поранешен студент на градежништво и еден од основачите.

Опсадата на Дараја од владата и силите на Асад започнаа пред речиси четири години. Оттогаш, Анас и други волонтери, од кои многумина се поранешни студенти чии студии прекинале поради војната, донеле повеќе од 14000 книги за секоја тема која може да се замисли.

Во текот на тој период, повеќе од 2000 луѓе, од кои повеќето цивили, беа убиени. Но, тоа не ги спречило Анас и неговите пријатели да бараат книги по уништените улици.

„Во многу случаи добиваме книги од бомбардирани и разурнати домови. Мнозинството од тие места се близу до фронтот, па да се собираат е многу опасно“, вели.

„Влегуваме во бомбардирани згради за да се сокриеме од снајперите. Треба да бидеме екстремно претпазливи, бидејќи снајперите понекогаш не следат, внимавајќи на секој наш нареден чекор“.

Иако тоа што луѓе го ризикуваат својот живот за да собираат книги за библиотека се чини бизарно, Анас вели дека таа и помага на заедницата на многу начини. Волонтери кои работат во болниците ги користат книгите за да научат како да ги третираат пациентите, учителите-аматери ги користат за да се подготват за часови, а оние кои работат како стоматолози учат како да подготвуваат пломби и да вадат заби.

Околу 8000 луѓе од вкупната популација на Дараја (80000) побегнале. Но, сега никој не може да замине.

Локацијата на библиотеката е тајна, бидејќи Анас и другите корисници се плашат дека ќе биде нападната.

Анас вели дека многумина доаѓаат во библиотеката само затоа што уживаат во читањето. Најпопуларни книги во библитеката се напишани од познати арапски писатели, како поетот и драмски писател Ахмед Шавки, познат како Принцот на поетите, и сирискиот автор Ал-Танави, кој пишува хроники на бунтовите во арапскиот свет. Но, тој вели дека има и многу ентузијазам за имиња кои се попознати на Запад.

„Книгите не мотивираат да продолжиме понатаму. Читаме како во минатото сите го свртеле грбот на одредена нација, но таа сепак преживеала. Може да биде и така. Тие ни помагаат да се подготвиме во животот кој ќе започне кога Асад ќе падне. Тоа можеме да го направиме само преку книгите кои ги читаме. Сакаме да бидеме слободна нација. И, се надевам, преку читање, ќе го постигнеме тоа“, вели Омар, редовен посетител на библиотеката и поранешен студент, а сега член на Слободната сириска армија.