Табернакул поттикнува „читатели од иднината“

Издавачката куќа Табернакул во следните 20 месеци, заедно со партнери од Албанија и Италија, ќе работи на проект „читатели од иднината“, чија цел е да се помогне на најмладите да ги откријат задоволствата од читањето и литературата.

Предвидено е проектот, освен што ќе опфати истражување на читателските навики на децата во основното образование, да содржи и натпревари во пишување, изложби и средби со познати писатели за деца од земјите кои учествуваат во проектот.

„Врз основа на голем број искуства, љубовта кон читањето е поважна за успехот од децата на училиште отколку било кој друг фактор, меѓу кои и семејниот и социјалниот статус. Убедени сме дека литературата претставува моќно оружје за иднината на децата. Дека им дава одлични можности во животот и дека тие се „читатели од иднината“ во секоја смисла“, сметаат од Табернакул.

Издавачката куќа смета дека ако децата се едуцираат и од нив направите читатели – тоа обезбедува возрасен читател во иднина, а охрабрени се и од бројките од продажбата и читањето кои се особено надежни за младата популација и покрај кризата со која во денешно време се соочува издавачкиот сектор.

Тројцата партнери проектот ќе го реализираат со грант од програмата на Европската Унија „Креативна Европа“, за да се поттикне транснационална мобилност, зголемување на публиката и дигитализација, со крајна цел да се помогне и на уметниците и на младиот читател.