СЗО: Слушањето музика треба да се ограничи на еден час дневно

Луѓето треба да го ограничат слушањето музика на еден час дневно за да го заштитат својот слух, препорачува Светската здравствена организација (СЗО).

Според податоците на организацијата, 1.1 милијарда млади луѓе и тинејџери во светот се под ризик да го оштетат слухот со слушање „премногу долго, премногу гласно“. Според СЗО, слушалките, концертите и баровите стануваат „сериозна закана“ по здравјето.

Околу 43 милиони млади на возраст од 12 до 35 години веќе имаат оштетување на слухот, а нивинот број се зголемува. Во оваа возрасна група, според СЗО, половина од луѓето во развиените и во земјите во развој се изложени на небезбедни нивоа на звук кои доаѓаат од лични уреди за слушање музика. 4о проценти од луѓето на оваа возраст слушаат прегласна музика во клубови и барови. Процентот на американски тинејџери со оштетување на слухот пораснал од 3.5% во 1994, на 5.3% во 2006.

„Иако е важно да се намали јачината на звукот, ограничувањето на употребата на личните звучни уреди на помалку од еден час дневно може да биде многу полезно во намалувањето на изложеноста на прегласен звук“, пишува во извештајот на СЗО. Научниците кои ја поставија оваа граница велат дека не се работи за круто временско ограничување, туку едноставно за лимит кој треба да влијае врз луѓето кои поминуваат десет часови дневно слушајќи музика на нивниот мп3-плеер.

Сепак, од СЗО велат дека и еден час на ден може да биде премногу, ако музиката е прегласна. Всушност, што погласни се нивоата на звук, потребно е помалку време за да се случи оштетување на слухот. Од СЗО препорачуваат дека нивото на звук на музичките уреди треба да се чува на околу 60%.

Еве ги препораките на СЗО за „безбедното време“ кое може да го поминуваме слушајќи различни звуци, пред да настапи оштетувањето на слухот:

85 децибели (dB) – ниво на звук во внатрешноста на автомобил: осум часови
90 dB – косилка за трева – два и пол часа
95 dB – просечен мотоцикл – 47 минути
100 dB – автомобилска свирка или подземен воз – 15 минути
105 dB – мп3 плеер пуштен на најсилен звук – четири минути
115 dB – гласен рок концерт – 28 секунди
120 dB – вувузела или сирена – 9 секунди