СЗО се надева на стотици милиони вакцини за Ковид-19 оваа година и 2 милијарди дози во 2021

Светската здравствена организација (СЗО) се надева дека до крајот на годинава ќе бидат произведени неколку стотици милиони дози од вакцината за новиот коронавирус, додека очекуваат 2 милијарди дози до крајот на 2021 година.

СЗО сега прави планови за да помогне во одлуката кој би требало меѓу првите да добие дози од вакцините доколку се дозволи нивната употреба, изјавила Сумја Сваминатан, водечкиот научник во организацијата, пренесува Ројтерс.

Според неа приоритет ќе биде даден на најизложените работници, како медицинските лица, оние кои се во поголема опасност поради возраст или хронични болести, како и оние кои живеат во средини каде може да има висока преносливост на вирусот, како домови за стари лица и затвори.

„Се надевам, оптимистична сум. Но развојот на вакцина е комплексен процес кој доаѓа со многу непознаници. Добрата работа е што имаме многу вакцини и платформи, па дури и некоја да не успее, нема да ја загубиме надежта и да се откажеме“, вели Сваминатан.

Во моментов 10 потенцијални вакцини се во фаза на тестирања на луѓе, во надеж дека ваквото средство за превенирање на инфекција ќе биде достапно во следните месеци. Државите веќе почнаа да прават договори со фармацевтските компании за нарачка на вакцини, дури и пред да се докаже нивната ефикасност.

Сваминатан вели дека амбицијата за неколку стотици милиони вакцини оваа година е оптимистична, а надежта за 2 милијарди дози следната година од дури три различни вакцини го нарекува „големо ако“.

Таа додава дека досега собраните генетски анализи покажуваат дека новиот коронавирус сè уште нема мутирано на начини на кој ќе ја измени јачината или болеста која ја предизвикува.