СЗО прогласи светска вонредна состојба поради коронавирусот

Светската здравствена организација (СЗО) вчера прогласи вонредна состојба на глобално ниво.

Ова доаѓа откако бројот на заболени од коронавирусот за една недела се зголемил за десет пати, пренесува „Инсајдер“.

Кинеските власти соопштија дека досега вкупниот број на смртни случаи е 170 лица, додека бројот на заболени се искачи на 7.736 луѓе. Од нив, 1.239 се во критична состојба.

„Во последните неколку денови забележавме дека вирусот напредува, посебно во некои земји. Вкупниот број на заразени надвор од Кина е 68. Посебно не загрижува пренесувањето на вирусот од човек на човек во три земји, и тоа Германија, Виетнам и Јапонија. Ако тоа се случи во некоја земја каде здравствениот систем е послаб, би можело да претставува проблем“, изјави генералниот директор на СЗО Тедрос Адхан Хебреус.

Во Соединетите Американски Држави забележан е првиот случај на ширење на коронавирусот од една на друга личност, соопшти вчера американскиот центар за контрола и превенција на болести.

Прогласувањето на глобална вонредна состојба најчесто значи дека во спречувањето на ширењето на вирусот ќе се вложат многу повеќе пари и ресурси, а може да охрабри некои држави да го ограничат патувањето и трговијата со засегнатите земји, пишува „Индекс“.