СЗО: Постепено укинување на ограничувањата за патување, поставете приоритети

Земјите треба постепено да ги укинуваат мерките за ограничување на меѓународните патувања според проценките за ризик и мора да им дадат приоритет на патувањата за итни потреби, објави Светската здравствена организација (СЗО), пренесува српски „Н1“.

СЗО препорача приоритет да се даде на важните патувања заради итни случаи, хуманитарни акции, патувања на важни лица и враќање во земјата. Избувнувањето на нови случаи на заразата со коронавирусот во многу делови на светот принуди многу земји повторно да воведат ограничувања за патувањата.

СЗО сега ја повика секоја земја да направи анализа на трошоците и придобивките и да донесе одлука за нејзините приоритети, пред да продолжи со меѓународните патувања.

Во најновото упатство за патувања на СЗО се наведува дека земјите мора да ги земат во предвид локалните епидемиолошки состојби и начините на зараза, националното здравје и веќе воспоставените мерки.

Во однос на тоа, дали една земја треба да воведе карантин за сите патници кои доаѓаат од некаде, тоа мора да одлучи откако ќе го процени ризикот и ќе ги земе предвид локалните околности на заразата, наведува СЗО.

Претходно неделава, СЗО објави дека меѓународните забрани за патувања не можат да останат на сила бесконечно долго и дека земјите ќе треба да направат повеќе за да го спречат ширењето на новиот коронавирус во рамките на нивните граници.