СЗО: Пораст на заразени во Европа по олеснувањето на рестриктивните мерки

Европа бележи пораст на бројот на заразените со коронавирусот за прв пат во последните неколку месеци, а тоа доаѓа по олеснувањето на рестриктивните мерки, објави Светската здравствена организација.

Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, рече дека во 11 земји забрзаниот пренос довел до „многу значајни зголемувања на случаите“.

Пријавени се повеќе од 2,6 милиони случаи на инфекција со коронавирус во европските земји, а повеќе од 195.000 починале. Според мерењата на СЗО, дневно се пријавуваат околу 20.000 нови случаи и 700 смртни случаи.

„Со недели зборував за ризикот од ново појавување на вирусот додека земјите ги олеснуваат мерките“, рече Клуге за време на виртуелната прес-конференција.

Во неколку земји во Европа, тој ризик сега стана реалност, додаде Клуге.

Тој изјави дека земјите како Полска, Германија, Шпанија и Израел реагирале многу брзо на ширењето на вирусот во училиштата, рудниците и фабриките за храна и дека тие вовеле контрола со брзи интервенции. И покрај сè, Клуге рече дека СЗО очекува ситуацијата во повеќето земји да се смири во текот на летото, пренесува Радио Слободна Европа.

„Но мора да се подготвиме за есента, кога ковид-19 може да се сретне со сезонскиот грип, пневмонијата и другите болести“, предупреди Клуге.