СЗО: Мерките поради коронавирусот да се укинуваат полека и контролирано

Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрехесус, изјави дека европските држави кои планираат да ги ублажат рестрикциите за спречување на ширењето на коронавирусот, тоа треба да го прават „полека и контролирано“.

Гебрехесус додал дека при овие постапки државите мораат да се водат, пред сè, од заштита на здравјето на граѓаните, пренесе Ал Џазира Балканс.

Ублажување на рестрикциите оваа недела почнува во Австрија и Шпанија, додека во Словенија некои компании и бизниси продолжуваат со работа од денес.

Во Германија водечките научници предложија до владата постепено укинување на мерките, како повторно отворање на училиштата, градинките, рестораните и продавниците, како и укинување на забраната за патување.

СЗО претходно веќе предупреди дека прераното укинување на рестриктивните мерки би можело да доведе до „фатално враќање на епидемијата“.

„Знаеме дека во некои земји бројката се одвојува на секои три или четири дена. Додека Ковид-19 брзо расте, паѓа многу побавно“, појаснува Гебрехесус.

Тој истакнал дека коронавирусот е десет пати посмртоносен од вирусот кој го предизвика свинскиот грип (Х1Н1), кој се појави во 2009 година во Мексико.

Од вирусот досега се заразиле скоро 2 милиони луѓе низ светот, а починаа скоро 120 илјади лица.

Директорот на СЗО потенцира дека за целосен прекин на синџирот на зараза ќе биде потребна сигурна и ефикасна вакцина.

„Ерата на глобализацијата значи дека ризикот од појавување на вирусот на Ковид-19 повторно ќе продолжи. На крајот, откривањето и дистрибуцијата на сигурна и ефикасна вакцина ќе бидат потребни за целосно да се прекине трансмисијата“, вели Гебрехесус.