2,1 милијарди луѓе, или 3 од секои 10 луѓе на Земјата немаат пристап до безбедна вода во своите домови, додека 6 од 10, или 4,5 милијарди немаат безбедна санитација според најновиот извештај на Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ.
Главниот заклучок од извештајот е дека премногу луѓе, осовено во руралните средини, сè уште немаат пристап до безбедна вода и санитарни услови.
„Безбедна вода, санитација и хигиената во домот не смее да биде привилегија само на оние кои се богати или живеат во урбаните центри. Тоа се најосновните потреби за човечкото здравје и сите држави имаат одговорност да осигураат дека сите имаат пристап до нив“, вели генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебресус.
Милијарди луѓе добиле пристап до најосновна вода за пиење и санитарни услови од 2000 година, но овие услуги не секогаш обезбедуваат безбедна вода и санитација. Многу домови, здравствени установи и училишта сè уште имаат недостаток на сапун и вода за миење на рацете. Тоа претставува ризик за здравјето на сите луѓе, но најмногу на малите деца, од болести како дијареа.
„Безбедна вода, ефективна санитација и хигиената се критични за здравјето на секое дете и секоја заедница – па затоа се суштински за изградба на посилни, поздрави и поправедни општества. Како што ги подобруваме овие услуги на заедниците и децата кои се во најнеповолни услови, така им даваме пофер шанса за подобро утре“, вели извршниот директор на УНИЦЕФ, Ентони Лејк.
Од вкупно 2,1 милијарди луѓе кои немаат безбедна вода, 844 милиони немаат основни услови за вода за пиење, а во нив се вклучени 263 милиони луѓе кои мораат да потрошат преку 30 минути за собирање на вода од извори надвор од домот и 159 милиони кои сè уште пијат необработена вода од површински извори на вода како потоци и езера.
Во 90 земји, напредокот кон основна санитација е премногу бавен, што значи дека тие нема да достигнат универзална достапност до 2030 година.
Од 4,5 милијарди луѓе кои немаат безбедни санитарни услови, 2,3 милијарди уште немаат основни санитарни услуги. Тоа влкучува 600 милиони луѓе кои споделуваат тоалет со други домаќинства и 892 милиони луѓе, претежно во руралните средини, кои вршат нужда на отворено. Поради растот на популацијата, вршењето нужда на отворено се зголемува во Субсахарска Африка и Океанија.