СЗО формира нов тим за истрага на потеклото на коронавирусот

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека формирала нов истражувачки тим за потеклото на коронавирусот и пандемијата на Ковид-19, по критиките на кинеските власти дека истрагата е исполитизирана, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

„По објавувањето на заедничкиот извештај на СЗО и Кина во првата фаза од истрагата за потеклото на вирусот во март 2021 година, СЗО изнесе серија студии и продолжува да разговара со земјите членки и експертите за наредните чекори“, се наведува во соопштението.

Меѓутоа, СЗО наведе дека Кина и некои други држави сугерирале дека мартовската студија е исполитизирана или дека СЗО делувало под политички притисок.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Гебрејесус изјави дека кон средината на јули очекува поддршка од Кина за следната фаза од научниот процес за да се идентификува потеклото на вирусот.

Соединетите Американски Држави кои целосно се ангажираа со СЗО откако претходниот претседател Доналд Трамп ја прекина соработката, исто така ја критикуваа извештајот од првата студија, повикувајќи на дополнителни истраги.

„За да се продолжи напред, СЗО ги повика сите влади да ја деполитизираат ситуацијата и да соработуваат на забрзување на студијата за потеклото на вирусот, а важно е и да работат заедно на развој на заедничка рамка за идните нови патогени на пандемиски потенцијал“, велат од СЗО.

Од СЗО исто така изјавија дека за потеклото на вирусот не треба да се припишува кривица или да се вперува прстот во било кого, туку дека е од витална важност да се знае како започнала пандемијата со Ковид-19, како пример за да се утврди потеклото на сите идни слични вируси.

СЗО формира Меѓународна научно-советодавна група за потеклото на нови патогени (САГО), која ќе даде совети за рамките за проучување на појавата на идните патогени со пандемиски потенцијал.