СЗО: Едно од четири лица умира поради загадувањето

Еден од четири смртни случаи може да се одбегне доколку загадувањето на планетата Земја е помало. Факторот загадување придонесува за развој на повеќе од 100 болести, а воздушното загадување е одговорно за 25 посто од жртвите на срцев удар и 19 посто од болните од рак.

Речиси еден од четири смртни случаи се поврзува со нездравата околина и може да се одбегне, покажува првото големо истражување на Светската здравствена организација од 2006 година до денес.

Истражувањето покажува дека загадувањето денес придонесува за развој на повеќе од 100 најопасни болести и повреди во светот, а убива 12,6 милиони луѓе годишно – речиси еден од четири, или 23 посто од сите смртни случаи.

Две третини од нив, односно 8,2 милиони смртни случаи се непреносливи болести, како срцев удар, рак или болести на срцето. Авторите на истражувањето велат дека станува збор за огромен пораст во изминатите години.

Иако бројот на инфективни болести, како гонореја и маларија, опаднал од 2006 година, непреносливите болести се почести поради загадувањето на воздухот, климатските промени и изложеноста на синтетички хемикалии, велат од СЗО.

„Најопасните убијци“ предизвикани од загадувањето глобално се срцевите удари (2,5 милиони годишно), болести на срцето (2,3 милиони) и ненамерни повреди како сообраќајни несреќи, кои убиваат 1,7 милиони луѓе годишно. Рак предизвикан од загадена средина убива 1,7 милиони луѓе годишно, болестите на респираторниот систем 1,4 милиони, а стомачните вируси 846000 годишно.

„Здравата околина има здрава популација“, вели Маргарен Чен, генерален директор на СЗО. „Ако државите не преземат акција да создадат околина каде луѓето ќе работат и живеат здраво, милиони и понатаму ќе се разболуваат и ќе умираат премлади“, додава таа.

Многу од смртните случаи, покажува истражувањето, се поврзуваат и со сиромаштијата и брзата урбанизација.

Извор: Guardian