СYБГАЛАКСИЈА – самостојна изложба на Викторија Ивановска

СYБГАЛАКСИЈА е насловот на втората самостојна изложба на Викторија Ивановска која ќе се одржи во вторник во 20:00 часот во фоајето на киното Фросина во Младинскиот Културен Центар.

Делата се дигитален печат на цртежи работени во софтверскиот програм Paint (Paintbrush for Windows). Приказите се печатени на хартија која е наменета за традиционално печатење графички техники во висок и длабок печат. Се рабoти за претежно големи формати, а големината на димензиите на делата е со цел да се избегне острината на пикселите.

СYБГАЛАКСИЈА - самостојна изложба на Викторија Ивановска

Пристапот на авторката е на прв поглед детски и наивен поради колоритот и силните бои, но всушност делата изобилуваат со деталност и комплексност. Цртежите се произлезени спонтано без некоја поврзаност, а пренесуваат одредена сцена од настан или мисла на авторката.

Таа за инспирацијата и делата ќе каже: „Секое живо битие си има своја приказна. Различна приказна. Различна галаксија. Галаксија во галаксија. Галаксија во која нема правила, нема ограничувања. Во секој приказ има галаксија под галаксија. Безвременски прикази, прикази на среќни, тажни, чудни, изолирани, ненаметливи моменти. Секој во свој свет. Битија кои се присутни. Ненаметливата присутност на чудни сегменти како дел од длабоката потсвест и чудна фантазија.“