СВР поднесе кривична пријава за убиецот на кучето Идриз во Дебар Маало

СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.Х. (45) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „мачење животни“, стои во денешниот билтен на Министерството за внатрешни работи.

Од Министерството напоменуваат дека немилиот настан со маалското куче Идриз се случи на 29 април во 18.30 часот на скопската улица „Пиринска“.

„Во близина на угостителски објект, откако претходно таткото на пријавениот се пожалил дека е каснат од куче, истиот од неговиот двор земал мала секира и метална шипка излегол надвор и откако го забележал, му се доближил на кучето и му задал еден удар со секира и повеќе удари со метална пречка во пределот на главата и од ударите го повредил кучето, го изложил на непотребни маки и нанесени болки кои резултирале со последица смрт“, стои во билтенот на МВР.

Инаку, убиството на кучето во Дебар Маало создаде револт кај голем број граѓани и активисти, кои не неколку пати протестираа и се собираа пред домот на пријавениот човек. Граѓаните бараат одговорност за убиецот на Идриз, но и посериозен ангажман на институциите и поефективна политика на казнивост за вакви или слични случаи.