„Свиркачите“ Лазаревски и Костовски кои ги открија „бомбите“ вратени на работа во МВР

Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски, кои беа вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање и го открија скандалот со нелегалното прислушкување и таканаречените „бомби“ во времето на претходната Влада, од денеска повторно се враќаат на своите работни позиции во МВР.

„За професионалците секогаш ќе има место во МВР“, напиша министерот за внатрешни Оливер Спасовски утрово на својот Фејсбук профил.

По откривањето на прислушкувањето Лазаревски и Костовски, освен што добија откази од работните места, беа и кривично обвинети и поминаа речиси една година во затвор. Подоцна обвиненијата против нив беа повлечени.

Потегот на Лазаревски и Костовски кај голем дел од јавноста беше поздравен како херојски чин, а освен граѓаните и повеќе невладини организации бараа тие да бидат вратени на своите работни места.

„Бомбите“ доведоа до оставка на премиерот Никола Груевски во 2016 година и обвиненија за 94 луѓе и седум компании.