Светските здравствени организации бараат еколошко опоравување од кризата со коронавирусот

Отворено писмо до лидерите од Г20 вели дека климата е клучот за глобално опоравување.

Докторите и медицинските професионалци ширум светот ги повикаа светските лидери да размислуваат за еколошко опоравување по кризата со коронавирусот, така што ќе ги земат предвид воздушното загадување и климатската криза.

Повеќе од 200 организации кои претставуваат повеќе од 40 милиони здравствени работници – скоро половина од светската здравствена сила, потпишаа отворено писмо до лидерите од Г20 и нивните медицински советници, посочувајќи ги седумте милиони предвремени смртни случаи од воздушното загадување секоја година на глобално ниво.

Медицинарите и научните советници мораат директно да бидат инволвирани во креирањето на пакет мерките кои веќе се во процес на изработка, вели писмото, за да се осигура вклучувањето на јавното здравје и мерките за животната средина. Тие велат дека јавните здравствени системи мора да се ојачаат, предупредувајќи колку занемарувањето на чистата околина може да влијае врз создавање на идни болести.

Потпишаните бараат реформи во субвенциите за фосилно гориво, јавна поддршка за обновлива енергија со што ќе се добие почист воздух и намалување на емисиите на стаклени гасови и поттикнување растот на економијата за повеќе од 100 милијарди долари во наредните три децении.

Во писмото, медицинските професионалци го поврзуваат воздушното загадување со кревкото јавно здравје кое подлегна на коронавирусот, нагласувајќи дека загадениот воздух веќе влијаел на јавното здравје и ја зголемил опасноста од вирусот.

„Засведочивме од прва рака колку можат да бидат кревки заедниците кога нивното здравје, пристапот до храна и работните места се испрекинати од заедничка закана. Повеќеслојноста на оваа непрекината трагедија се зголемува поради нееднаквоста и неинвестирањето во јавните здравствени системи. Засведочивме смрт, болест и ментален стрес на нивоа кои не сме ги виделе со децении“, пишува во писмото.

Истражувањата сугерираат дека загадениот воздух има улога во влошувањето на симптомите од Ковид-19 или во зголемување на смртноста, иако научниците велат дека сѐ уште е рано да се донесуваат заклучоци за влијанијата. Разбистрените неба кои се појавија за време на глобалниот карантин во повеќето од земјите се во опасност откако индустриската активност продолжи без воведување на нови мерки.

Според истражување од изминатата недела, емисиите на јаглерод диоксид ширум светот се намалиле за 17% за време на карантинот, а доколку продолжиле нормалните активности овој пад би бил само за 4% помал за разлика од минатата година.

Дел од земјите размислуваат за еко-закрепнување преку воведување на строги услови за субвенциите за индустриите кои работат со фосилни горива, но и преку вложување во инфраструктура која ги намалува ефектите на стаклена градина, подобра интернет конекција за работење од дома, велосипетски патеки и станици за полнење на електрични возила. Неодамнешна студија од Универзитетот „Оксфорд“ покажа дека ваквиот пристап ќе отвори повеќе работни места и ќе овозможи поголем прилив во домашната економија отколку обично навраќање на веќе разработениот бизнис модел.

„Здравствените работници се на фронтот на оваа итност и сведочиме голема загуба на животи поради доцно реагирање. Сигурни сме дека здравите животи зависат од здрава планета. Додека чекориме кон опоравувањето, мораме да изградиме систем кој ќе не заштити од идна опасност. Нас ни треба здраво и еколошко опоравување“, истакнал Мигуел Хорхе, претседателот на Светската медицинска асоцијација.

Здравствените работници се загрижени дека светот ќе продолжи со нездравите практики откако ќе се намалат итните мерки за коронавирусот, без да се научат лекциите кои би не довеле кон поздрава опција што би ги намалила шансите за идни пандемиии.

„Ковид-19 го присили светот да паузира, пружајќи му единствена шанса да направи промени кои позитивно ќе влијаат на планетата и луѓето. Климатската промена е сериозна закана за здравјето на светската популација. Ги повикуваме владите да се осигураат дека нивото на загадување нема да се врати на претходните нивоа, за нашите деца и внуци да можат да живеат здраво. Само преку вложување во климата и во здравсвениот систем можеме да создадеме поздрава иднина“, изјавила Анет Кенеди, претседателка на Меѓународниот совет на медицински сестри.

Писмото било испратено до сите лидери од Г20, вклучувајќи ги Борис Џонсон, Ангела Меркел, Си Ѓинпинг кои се под притисок да воведат еколошко опоравување, но и кон оние кои беа искритикувани за нивното справување со коронавирусот, како Доналд Трамп, Владимир Путин и Џаир Болсонаро.

Извор: Guardian