Светските шуми исчезнуваат со сè побрзо темпо

Светските шуми исчезнуваат со сè побрзо темпо пред ораниците, патиштата и градовите, покажуваат податоците од истражувањето, во кое учествувале повеќе од 20 експерти од пет континенти и во кое се користени податоци собрани во последните 35 години.

Во истражувањето, објавено во списанието Science Advances по повод 21 март, Меѓународниот ден на шумите, се истакнува дека растечката човечка популација врши сè поголем притисок на шумските животни и растенија на кои им се заканува истребување.

Светските шуми исчезнуваат со сè побрзо темпо

„Резултатите нè изненадија и нè уплашија“, вели за Ројтерс водачот на студијата Ник Хадад, професор на биолошки науки на американскиот Универзитет на Северна Каролина.„Сите показатели укажуваат на понатамошно влошување на состојбата“, вели Хадад.

На мапите објавени во склоп на студијата може да се види дека големи површини под шума во Амазон и во Конгоанската котлина и натаму се оддалечени од луѓето, додека во Азија, Нова Гвинеја, Русија, Канада, Русија и во нордиските земји, шумите сè повеќе се повлекуваат пред човечките активности.

Растот на населението неизбежно ќе продолжи да ги намалува и да ги расцепкува природните зони, наведуваат научниците, кои единственото решение за спас на шумите го гледаат во зголемувањето на ефикасноста на замјоделието на постоечките обработливи површини.

Едно друго истражување во 2011 предвиде дека до 2050 година, земјоделските површини во светот ќе мораат да се зголемат за 18 проценти од сегашните 1.53 милијарди хектари, за да се прехрани сè поголемото население, како и дека урбаните зони во светот драстично ќе се прошират.