Легендарниот австралиски drum’n’bass феномен „Пендулум“ ќе биде дел од годинешното издание на Таксират фестивал, на 8-ми декември во арена „Борис Трајковски“.
„Пендулум“ го освоија светот проширувајќи ги границите на музичките жанрови, од драм’ен’бејс преку моќен хаус до електро-рок. Членовите на бендот кој е оформен во 2002 година, во 2013-та го најавија повлекувањето од настапи во живо за да се посветат на новите проекти меѓу кои е и познатиот „Knife Party“, но константните барања за повторно активирање од страна на армијата фанови низ цел свет, резултираа со come-back турнејата во 2016-та и новиот албум чие снимање го најавија лани.
На „Таксират“ тие доаѓаат во фуриозниот DJ формат, нивното идеално издание за најенергичните фестивалски журки, бидејќи единствено така може да се доживее вистинската енергија со која тие веќе со години владеат на најголемите светски фестивали, а која најчесто се споредува со атмосферата на експлозивните настапи на „Продиџи“.
Јубилејната 20-ка на Таксират нема да помине без најверните другари на Фестивалот, „Дубиоза Колектив“.
Покрај нив, во листата изведувачи за главната вечер на „Таксират“ веќе се запишаа и „Мандо Диао“, „Нувел Ваг“, „Терапи?“, „Смат“ и „Трап д фак ап“.
Со прв самостоен концерт, во рамки на програмата на фестивалот, ќе настапи Страјк, врвниот уметник на македонскиот хип-хоп.
Концертот ќе се одржи на 2 декември во Младинскиот културен центар во Скопје.
Страјк започнува со снимање во 97-ма година како еден од основачите на „Легијата“, и еден од првите артисти што соработуваа со „Шурикен Рекордс”, каде се појавува на првото издание – „SK Street Beatz”. Во 2001-ва заедно со Блажеј ја формираат групата „СТР2“ – насловена по графитите на Страјк, кратенка за „Стриктно Тврди Рими/Сон-Темнина/Реалност”. Нивниот албум „Не Заборавај“ беше издаден во јули 2007-ма. Во 2002-ра тој настапува како диџеј на Да Џака Накот, со што покрај графитите и рапувањето ја опфаќа и третата гранка на хип-хопот – диџејството, а следната година започнува активна соработка со Диџеј ГОЦЕ (С.А.Ф). Неговиот први соло студиски албум „Кутија“ доби позитивни оценки од музичката критика и хип-хоп публиката воопшто, а во 2015-та го продолжи овој успех и со вториот албум „Земен Рај“ продуциран од Диџеј Гоце, како и со бројните соработки со артисти од „Легијата“.
Билетите за концертот на Страјк се веќе достапни во продажба со цена од 300 денари во продажната мрежа на МкТикетс.