Светските обединети колеџи со конкурс за стипендии за македонски средношколци

Македонскиот национален комитет при Светските обединети колеџи објавува конкурс за делумни и целосни стипендии за заинтересирани средношколци.

Повикот целосно ви го пренесуваме во продолжение:

„Дали сте ученик/чка што ги исполнува следниве критериуми:

  • во втора или трета година средно училиште?
  • имате основни познавања на англискиот јазик?
  • имате потенцијал да го зајакнете вашиот дух со извонредно искуство во странство?
  • имате умствена страст и способност да ја претставите Македонија на светското тло?

Ги известуваме заинтересираните кандидати кои ги исполнуваат горенаведените критериуми дека Македонскиот национален комитет при Светските обединети колеџи (СОК) објавува конкурс за делумни и целосни стипендии за школување во овие училишта (трета и четврта година средно). (Апликантите од трета година средно треба да бидат подготвени да ја повторат третата година на еден од СОК колеџите).

Светските обединети колеџи (http://uwc.org/) се единствената меѓународна организација која што образува ученици од речиси сите земји на светот, внимателно избрани преку нивните национални комитети. Основни начела при избор на кандидатите се нивниот целокупен личен потенцијал и животни вредности. Избраните кандидати потекнуваат од сите делови на планетата без разлика на нивната расна или верска припадност и финансиска состојба. Овие ученици живеат и учат заедно две години во еден од 18-те колеџи лоцирани низ целиот свет, вклучително и во Италија, Германија, Велс, Холандија, Канада, Костарика, Хонгконг и Сингапур.

Учениците на Светските обединети колеџи ја следат најпрестижната средношколска програма во светот: International Baccalaureate (IB) (www.ibo.org). Светските Обединети Колеџи овозможуваат образование што ги обединува луѓето и културите со цел остварување мир, соживот и одржлив развој на целокупниот човеков род.

Рок за аплицирање: 1 Декември 2019.

Сите информации за колеџите и за процесот на аплицирање се достапни на нашата фејсбук страница UWC Macedonia, каде кон средината на септември ќе биде објавена овогодинешната апликација (pinned post) и каде можете во секое време да ни испратите порака во случај да имате некаква нејаснотија или дополнително прашање. Ве охрабруваме да ја посетите и нашата веб-страница mk.uwc.org, а можете и да наминете на нашиот промотивен штанд на плоштадот Скендербег оваа сабота (14.09) од 10 до 15 часот!“, стои во повикот на Македонскиот национален комитет при Светските обединети колеџи