Светските лидери ветуваат крај на уништувањето на шумите до 2030 година, во договорот се вклучува и С. Македонија

Повеќе од 100 светски лидери ветуваат дека ќе стават крај и ќе го спречат уништувањето на шумите до 2030 година, во првиот голем договор на самитот за климата COP26 во Глазгов, Шкотска, пренесува BBC.

Бразил, државата каде што се исечени делови од дождовната шума во Амазон, е меѓу потписниците.

Залогот вклучува речиси 19,2 милијарди долари јавни и приватни фондови.

Експертите го поздравија овој потег, но предупредија дека претходниот договор во 2014 година „воопшто не успеа да го забави уништувањето на шумите“ и дека треба да се исполнат обврските.

Сечата на дрвјата придонесува за климатските промени бидејќи ги осиромашува шумите кои апсорбираат огромни количини на CO2.

Британскиот премиер Борис Џонсон, кој е домаќин на глобалниот состанок во Глазгов, договорот го нарекува „значен договор за заштита и обновување на шумите на Земјата“.

„Овие големи преполни екосистеми, овие катедрали на природата, се белите дробови на нашата планета“, рече тој на настанот COP26 каде што светските лидери се состануваат за да разговараат за шумите и користењето на земјиштето.

Двонеделниот самит во Глазгов се смета за клучен за климатските промени да се стават под контрола.

Листата на земји кои велат дека ќе го потпишат ветувањето ги вклучува Канада, Бразил, Русија, Кина, Индонезија и Демократска Република Конго, САД, Велика Британија, како и Северна Македонија.

Дел од средствата ќе бидат наменети за земјите во развој за обновување на оштетеното земјиште, справување со шумските пожари и поддршка на домородните заедници.

Владите на 28 земји, исто така, ќе се обврзат да го отстранат уништувањето на шумите од глобалната трговија со храна и други земјоделски производи како што се палминото масло, соја и какао.

Овие индустрии предизвикуваат губење на шумите со сечење дрвја за да се направи простор за животните да пасат или за растење култури.

Повеќе од 30 најголеми светски компании, исто така, ќе се обврзат да стават крај на инвестициите во активности поврзани со уништувањето на шумите.

Фонд од 1,1 милијарди фунти ќе се формира за заштита на втората по големина тропска прашума во светот во Конго.

Индонезија е најголемиот светски извозник на палмино масло, производ кој се наоѓа во се, од шампон до бисквити. Производството предизвикува уништување дрвја и губење територии за домородните луѓе.

Во меѓувреме, огромните природни шуми во Русија, со повеќе од една петтина од дрвјата на планетата, зафаќаат повеќе од 1,5 милијарди тони јаглерод годишно.

Во најголемата прашума на планетата, Амазон, уништувањето на шумите се забрза.

Една од најголемите причини за губење на шумите во Бразил е одгледувањето зрна од соја, од кои голем дел оди во Кина и Европа за добиточна храна за свињи и кокошки.

Дрвјата се една од главните одбрани во светот кој се загрева. Тие апсорбираат околу една третина од глобалниот CO2 што се емитува секоја година.

Во моментов секоја минута се губи површина од шума со големина од 27 фудбалски игралишта.

Осиромашените шуми, исто така, може да почнат да ослободуваат CO2. Ако се исечат премногу дрвја, научниците се загрижени дека планетата ќе достигне пресвртна точка што ќе предизвика нагли и непредвидливи климатски промени.