Светскиот ден на дивиот свет – 3 март, годинава посветен на големите мачки под закана

На утрешниот Светски ден на дивиот свет, глобалната тема ќе биде „Големите мачки: предатори под закана“, информираат од меѓународната организација CNVP, додавајќи дека овие животни ќе го добијат нивото на внимание кое го заслужуваат за да им се обезбеди долгорочен опстанок.

„Во текот на минатиот век, светот значајно ги губи големите мачки – најмоќните предатори на планетата. “Светскиот ден на дивиот свет” дава можност да се подигне свеста за нивната состојба и да се поттикне поддршката за многуте глобални и национални акции што се во тек за спасување на овие видови“, се наведува во соопштението од CNVP.

3 март, денот на потпишувањето на Конвенцијата за меѓународно стопанисување со загрозени диви видови флора и фауна, е прогласен од Генералното собрание на Обединетите Нации како „Светски ден на дивиот свет“.

Денот се прославува преку значително подигање на свеста за светските диви животни и растенија и претставува најважниот глобален годишен настан посветен на дивиот свет, и за подигање на свесноста за дивите животни и растенија.

Организацијата CNVP е водечка меѓународна граѓанска организација која е активна во шест балкански земји. Користи анализа базирана на докази за да ги подобри одржливите средства за живеење во руралните заедници погодени од тековниот процес на еколошките и климатските промени.

Организацијата се фокусира на прашања поврзани со агро-руралниот развој, управувањето со природните ресурси, шумарството, обновливата енергија, управувањето со отпадот, со цел да се намалат еколошките ризици и еколошките недостатоци, како и да се постигне одржлив развој без деградирање на животната средина.

CNVP се стреми да идентификува невладини организации кои се активни во Европа, Кавказ и Турција со цел соработка и изградба на позелено економско опкружување, вклучувајќи ја и заштитата на дивите животни и другите загрозени видови.