Светски реномирани професори со поддршка за „Студентски пленум“

Жак Рансиер, еден од најпознатите современи светски и француски филозофи, Гал Кирн од Хумболт Универзитетот во Берлин, Марк Ленс, професор на Универзитетот Џорџтаун, Тод Мај, професор на Клемсон Универзитетот во Вашингтон, Симон Крчли, Ентони Пол Смит, Светлана Слапшак се дел од светски реномираните и познати професори кои преку писмо дадоа поддршка за студентите во Македонија, против воведувањето државен испит.

Професорите порачуваат дека се длабоко загрижени за активностите преземени од македонското Министерство за образование и наука во врска со измената на Законот за високото образование, и ја изразуваат нивната солидарност со студентите од „Студентски Пленум“ и македонските граѓани.

„Кога институциите на високото образование стануваат предмет на контрола на државата, критичко размислување е заложник на диктатот на оние на власт. Едно општество не може да се развива во такви услови. Креативноста е задушена, критиката е во заложништво, независната мисла е укината. Предложените измени и дополнувања на Законот за високото образование, во прилог на другите активности направени од МОН не само што ја поткопуваат автономијата на универзитетите, туку и ја елиминираат“, се вели во писмото.

Професорите потсетуваат дека секој политички договор кој има за цел да се нарече демократски, мора да ја дозволи автономијата на институциите на високото образование.

„Македонското високо образование, и неговата содржина и оценките, ако се донесат овие измени, ќе биде предмет на желбите на оние кои го контролираат македонскиот политички апарат на највисоко ниво.
Наведената цел на овие измени е да се подобри квалитетот на високото образование. Сепак, како што „Студентски Пленум“ истакна, квалитетот на високото образование мора да се реши од страна на учесниците во него, а не од надворешна сила која има интерес да згази врз независноста на универзитетите. Покрај тоа, неодамнешните активности преземени од професорите кои се приклучија на протестите против измените, раскажува друга приказна, не на квалитет, туку на притисок“, порачуваат професорите.

Тие ја поздравја иницијативата „Студентски Пленум“ како и илјадниците демонстранти кои протестираа во Скопје за да се задржи автономијата на македонските универзитети. Исто така, побараа од Министерството за образование и наука да се откаже од својот обид да се елиминира автономијата на универзитетот и да се врати контролата на универзитетите на оние кои едуцираат и се едуцираат во нив.

Писмото интегрално може да се погледне на следниот линк.