Светски познатиот говорник и мотиватор Ник Вујичиќ доаѓа во Скопје

Познатиот говорник, мотиватор и хуманист Ник Вујичиќ ќе биде централна фигура на голем хуманитарен настан најавен да се одржи во Скопје на 16 април во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Ник Вујичиќ е Австралијанец со српско потекло. Роден е со тетра-амелија синдром, односно без раце и нозе. Но и со ваков животен почеток, тој денес е успешен, целосно самостоен и со желба да инспирира други луѓе преку неговите говори на голем број конференции низ светот.

„Дојдете и чујте ја сторијата која инспирира милиони луѓе ширум светот! Дојдете и преку купување на билет дајте ваш личен придонес за подобрување на севкупните услови на лицата со посебни потреби“, се вели во официјалниот Фејсбук настан.

Средствата што ќе се соберат за време на настанот ќе бидат донирани на проекти, организации и установи кои работат со лица со посебни потреби, пишува во настанот.