Светски познатата виолинистка Мидори ја отвора новата сезона на Македонска филхармонија

Со концерт на Мидори Гото, една од најдобрите светски виолинистки, на 6-ти октомври во Домот на АРМ (20 часот), Македонската филхармонија свечено ќе ја отвори новата концертна сезона.

Под палката на маестро Емил Табаков од Бугарија, виртуозната американска уметница, родена во Јапонија, ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар во D-dur оп.35 од оскаровецот Ерих Корнголд.

Како што најавуваат од Македонската филхармонија, вечерта ќе се изведе и симфониското дело „Животот на херојот“ оп.40 од Рихард Штраус, кое долго време не било поставено на македонската сцена и по кое е насловен концертот, во која првата виолина и е доделена на Анна Кондратенко, концерт-мајстор во оркестарот на Македонската филхармонија.

Мидори Гото е родена во Осака, а нејзината успешна кариера почнува на само 11 години, кога нејзиниот талент го препознал познатиот диригент Зубин Мехта и ја вклучил во неговата програма на традиционалниот новогодишен концерт на Њујоршката филхармонија. Таа е добитник на бројни престижни награди, а во 2007 година е прогласена за „Гласник на мирот“ од Обединетите нации. Мидори е основач на непрофитната организација „Мидори и пријателите“ која овозможува музичко образование за децата во Њујорк и Јапонија.